Српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ денеска соопшти дека претседателот Александар Вучиќ нема да се соочи со санкции од Европската Унија поради неколкудневната посета на Москва.
-Нема да има прекин на процесите за интеграција на Србија во Европската унија, ниту санкции од Брисел. – изјави Ѓуриќ во интервју за српската телевизија РТС и додаде дека српската дипломатија покажала „доследност“ во изминатите неколку дена. Во изјава за РТС, Ѓуриќ нагласи дека во наредните денови претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, ќе го посетат Белград, и очекува зајакнување на односите со Брисел, што, според него, нема да биде на сметка на избалансираната надворешна политика на Србија. Шефот на српската дипломатија додаде дека Белград сака да го забрза развојот на односите со САД, и дека претстои стратешки дијалог со официјален Вашингтон, како и дека го очекува доаѓањето на новиот американски амбасадор Марк Брновиќ.