Со молк и високо кренати фотографии од своите загинати чеда, мајките од Кочани чии деца настрадаа во ужасниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани побараа правда за трагичниот случај кој ја потресе македонската и светската јавност и во кој загинаа 62 млади лица, а околу 200 беа повредени.
„Бараме правда“, „Не чекајте твоето дете да биде следно“, „Инспекциите спиеле, децата не се разбудија“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Каде да фатиме врски да ги вратиме другарите“, се пораките кои семејствата на загинатите млади во пожарот на 16 март во „Пулс“ во Кочани ги подигнаа пред полициската станица, општината и пред судот во Кочани, јасно порачувајќи дека се свесни за корупцијата и корупираните одговорни лица кои замижувале за сите недоследности и криминални дејства кои се случувале во дискотеката што доведоа до најголемата трагедија со 62 загубени млади животи.
Татко на загинато момче од Кочани ги повика родителите да не молчат, и да не зборуваат дека „Господ ќе ги казни“ зошто „убијците ни ги зедоа децата, а не Господ“, рече тој.