14-годишно момче е пронајдено мртво денеска на игралиште во Хаген (Германија), а главен осомничен е 17-годишник по кој се трага, изјави портпаролот на полицијата во Хаген – Себастијан Хиршберг. Насилникот се уште е во бегство, а полицијата трага по него, а во големата потера се вклучени и хеликоптери, објави Билд. Весникот наведува дека момчето (17) дошло на училиште со пиштол и ја барало својата поранешна девојка, која има 15 години. Тешко вооружени специјални полициски сили опколија училишна зграда во Хаген во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Весникот наведува дека 17-годишникот наводно и е познат на полицијата и дека пред да влезе во училишната зграда му покажал пиштол на еден од соучениците, а потоа рекол дека сака да оди на училиште и да ја убие својата поранешна девојка. 17-годишникот не е ученик во училиштето „Лиселот Функе“, а кога го забележале децата и наставниците ја известиле полицијата. Девојката која наводно ја барал сега е безбедна и е испрашувана во полиција, изјавил портпаролот на полицијата за Билд.