Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека ќе го покани рускиот претседател Владимир Путин во возвратна посета на Бања Лука, штом меѓународната ситуација тоа го дозволи.
„Претходно го поканив Владимир Владимирович Путин да ја посети Република Српска, Бања Лука. Но, сите добро знаеме во каква ситуација се наоѓа светот сега. Република Српска е опкружена со земји од Европската унија и НАТО. Се разбира, кога ќе се промени глобалната ситуација, со задоволство ќе се вратиме на ова прашање и ќе го поканиме. Но, сега треба да бидеме реални“, изјави Додик. Додик беше во посета на Москва за да учествува во настаните по повод Денот на победата во Втората светска војна.