Иса Муча доктор на Клиниката за токсикологија синоќа бил пријавен од дечко на пациентка за сексуално вознемирување врз неа, дознава „Слободен печат“. Дошла полиција на Клиниката и сите давале изјави. Од МВР за „Слободен печат“ велат дека вчера во 21 часот и 20 минути во СВР Скопје малолетничка од виничко која била згрижена во Клиниката пријавила дека околу 21 часот во тоалетот на болницата била допирана по телото од страна на доктор во клиниката. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за „Слободен печат“. Доктор Муча за „Слободен печат“ вели дека пациентката лажно го пријавила и тоа не лично, туку преку некој нејзин близок, најверојатно вереник.
-Пациентката дава невистинит податок. Има камери, се нека видат и нека прегледаат, нема врска со вистината тоа што таа го изјавува. Агитирана е дали е под дејство не знам. Меѓутоа тој што ѝ се претставува како вереник е тој што го пријавува настанот и синоќа дојде полиција во Клиниката и сите дававме изјави. Всушност, се обидуваат да ме наместат но за среќа јас прегледот го извршив во присуство на специјализантка и на медицинска сестра кои што дадоа изјава така како што беше. Немало никакво неприкладно однесување од моја страна. Доказите ќе покажат, има камери. Ме обвинува дека сум ја злоупотребил кога сум ја прегледал, дека не сум ја прегледал како што треба. Тоа е страшно, јас работам 13 години и нема нешто такво. Пациентката беше со корозивна интоксикација, со претходно труење со киселина и примена во претходната смена. Јас бев долу, а таа била примена на интензивна нега на горниот спрат. Дојде сестра да ме повика, дека пациентката била вознемирена. Се качивме сите горе истрчавме, аплициравме терапија. Јас не сум луд да правам такви работи, изјави за „Слободен печат“ доктор Муча. Други извори од болницата велат дека во собата со пациентката биле сместени уште три пациенти.