Во мај 2015 година, во Диво Насеље, осуммина припадници на македонската полиција го дадоа највредното што го имаа – својот живот, за да ја одбранат татковината од терористичка закана.
Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, тоа не се само имиња, тие станаа и ќе останат светилници на нашата слобода, нашите македонски херои, нашиот жив доказ дека постои нешто посвето од животот, љубовта кон Македонија!
Денеска, тука во Инџиково, покрај спомен-обележјето на нашиот Горан Стојменовиќ, се поклонуваме со почит и положуваме цвеќе не како обичен гест, туку како завет дека нема да ги заборавиме. Тука сме да ги величаме, да им се поклонуваме и да се сеќаваме на нивната жртва!Горан и Бобан, синови на Гази Баба, херои на Македонија паднаа бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја. Тој ден го носиме врежан во колективната меморија на македонскиот народ, ден што нè потсетува на цената на слободата. Ќе го спомнуваме, не за да негуваме омраза, туку да се потсетуваме на големината на нашите херои, на мудроста со која нашиот народ не дозволи да се подлегне на провокации и поделби, затоа што македонскиот дух не се крши лесно! Нека им е вечна слава! Хероите не умираат – преку делата, тие живеат вечно!
View this post on Instagram