„Иако Владата се фали со „успешни мерки“ за стабилизирање на цените, реалноста на терен е сосема поинаква: народот преживува, а профитерите се богатат. Основните производи секојдневно поскапуваат, сè повеќе луѓе купуваат „на парче“, додека функционерите продолжуваат да јадат на државна сметка“ соопштија од Левица. Од партијата велат „По укинувањето на мерките за замрзнување на цените и ограничување на маржите на над 1.000 производи, граѓаните го почувствуваа токму она од што со месеци стравуваа – нов, брутален удар по џебот. Наместо стабилизација, следуваше ценовен шок што секое домаќинство го чувствува секојдневно. А Владата, по стара навика, само најавува инспекции и анализи, додека храната станува луксуз за сè поголем дел од населението“.
„Левица апелира до владата составена од ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ – конечно и без калкулации да ја погледне суровата реалност во која живеат граѓаните. Недозволиво е оваа власт да продолжува со заслепеност, ароганција и елитистичка рамнодушност, додека народот се дави во сиромаштија. Наместо вистински мерки за подобрување на животниот стандард, тие нудат апсурдно „рекреирање“, намалување на потрошувачката кошничка за потоа бесрамно да им кажат на граѓаните дека „им е добро“. Народот не бара статистички трикови – туку достоинствен живот и реални мерки за обезбедување на нормален животен стандард“ се вели во партиското соопштение.