Картата прикажана во објавата е од 2007 година во контекст на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Деловите на картата коишто се во Грција, а се означени како Западна Македонија, Источна Македонија и Централна Македонија, всушност ги претставуваат регионите како административни единици на Грција. Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува: ЈАС ЧИСТО ОНАКА! КОЛКУ ДА НАУЧАТ „НЕПИСМЕНИ ГОВЕДА”! Потоа се споделува фотографија од географска карта на која пишува: Македонија на руска телевизија!
На географската карта што е прикажана во склоп на објавата, Северна Македонија е напишана со поранешното име Македонија – кое се користеше до 12 февруари 2019 година кога стапија во сила уставните амандмани кои произлегуваат од Преспанскиот договор потпишан на 17.06.2018 г. – а делот од денешната територија на Грција е испишан како Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија. Таа повеќепати во минатото е споделувана на социјалните мрежи и може да се види дека е објавена на Фејсбук уште на 4 јуни 2021 година. Но, присутна е и многу години порано што е евидентно на сајтот Вести.ру каде доколку се пребара, истата фотографија може да се пронајде уште во 2008 година во текст во кој се известува за преговорите меѓу Македонија и Грција:
Грција и Македонија ги продолжија преговорите за името на поранешната југословенска република. Тие се одржаа зад затворени врати и нивните резултати не беа јавно објавени. Судејќи според изјавите на грчката страна за спречување на Македонија да влезе во меѓународните организации со нејзиното сегашно име, спорот до денес не е решен.(17.03.2008) Меѓутоа, кога со помош на алатките за обратно пребарување на фотографии ќе се пребара уште поназад во времето, се доаѓа до најраниот достапен датум кога во руските медиуми е претставена фотографијата од објавата што ја рецензираме заедно со реалниот контекст во кој таа е искористена. Имено, во 2007 година истата фотографија е прикажана во текст во кој се зборува дека Македонија и Грција го продолжиле долгогодишниот политички спор во ОН за тоа кој го поседува името Македонија на Александар Велики и дека во седиштето на организацијата се водат тешки разговори на таа тема. Така што, картата во овој текст, а споделена и во објавата што ја рецензираме, е искористена за илустрација спорот за името што тогаш (2007) го водеа двете држави. Со картата не се имплицира дека Русија мисли на С. Македонија кога ја означува на картата во денешна Грција.
Во Грција има региони коишто се викаат Македонија. Поточно, сегашните 13 административни региони (плус еден автономен регион) како продукт на децентрализација на административната власт беа основани во јули 1986 година (претседателскиот декрет официјално беше потпишан во 1987 година). Тие региони се: Атика, Централна Грција, Централна Македонија, Крит, Источна Македонија и Тракија, Епир, Јонски Острови, Северен Егеј, Пелопонез, Јужен Егеј, Тесалија, Западна Грција, Западна Македонија и автономниот регион Атос. Деловите на картата коишто се во Грција, а се означени како Западна Македонија, Источна Македонија и Централна Македонија, всушност ги претставуваат регионите како административни единици на Грција. Геогарфската карта од објавата е за тој сега веќе надминат проблем и всушност е стара најмалку 18 години. Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, затоа што е испуштен фактот дека картата прикажана во објавата не е користена сега, во 2025 година, туку во 2007 година во контекст на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Извор: Новинска агенција МЕТА