Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од денеска до 16 мај ќе престојува во посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки в четврток ќе допатува во Скопје, а в петок ќе учествува на самит на Европската политичка заедница во Тирана. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, целта на посетата на Кошта е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата. – Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја.
Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне.– Постои јасен моментум за проширување, но моментумот бара посветеност, истакна Кошта. Како што соопшти Европскиот совет, на средбите со политичките раководства на партнерите од Западниот Балкан, Кошта ќе ја нагласи „важноста на понатамошно градење на обновениот моментум во процесот на проширување и на односите меѓу ЕУ и регионот“. Работниот дел од посетата на Кошта започнува утре во Белград, каде тој ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут и со членови на Народното собрание на Србија.