Хамас денес објави дека ќе го ослободи израелско-американскиот заложник Едан Александар како дел од напорите за постигнување договор за прекин на огнот во Газа, јавува Би-Би-Си. 21-годишниот војник е последниот жив американски заложник во Појасот Газа. Директни преговори со американската администрација. Одлуката дојде откако висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека палестинската вооружена група преговарала директно со функционер на американската администрација во Катар. Висок палестински функционер запознаен со преговорите рече дека тоа е знак на добра волја пред претседателот Доналд Трамп да пристигне на Блискиот Исток во вторник.
Роден во Тел Авив и израснат во Њу Џерси, Александар служел во елитна пешадиска единица на границата со Газа кога бил киднапиран од милитантите на Хамас на 7 октомври 2023 година. Од 251 заложник земени за време на нападот на Хамас, 59 се уште се во Газа, а се верува дека уште 24 се живи. Се верува дека петмина американски државјани се во Газа, а Александар е единствениот што е сè уште жив. Хамас соопшти дека неговото ослободување е дел од напорите за постигнување прекин на огнот и овозможување внесување храна, лекови и други залихи во Газа. Групата изјави дека сака да постигне конечен договор за ставање крај на војната. Канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека САД ги информирале за намерата на Хамас да го ослободи Александар „како гест до Американците“, но дека очекуваат потегот да доведе до договор за ослободување на сите преостанати заложници.