Курдистанската работничка партија (ПКК), курдска милитантна група во Турција, објави дека планира наскоро да ги прекине своите активности, објавија во понеделник медиумите блиски до организацијата. ПКК донесе историска одлука да се распушти и разоружа, како дел од новата мировна иницијатива со Турција, по четири децении вооружен конфликт, објавува АП.
Одлуката на Курдистанската работничка партија ја објави новинската агенција Фират, медиум близок до таа организација. Соопштението дојде само неколку дена откако ПКК одржа конгрес во северен Ирак.

Лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, кој е во затвор на остров во близина на Истанбул од 1999 година, ја повика својата организација да свика конгрес и формално да одлучи за распуштање во февруари, што би бил клучен чекор кон прекин на деценискиот конфликт кој одзеде десетици илјади животи од 1980-тите. На 1 март, ПКК прогласи еднострано прекин на огнот, но со одредени услови, вклучително и воспоставување правна рамка за мировни преговори. Групата води вооружен бунт од 1984 година и се смета за терористичка организација од страна на Турција и нејзините западни сојузници.