Од Општина Центар информираат дека е објавен Јавен повик за финансирање при поправка и санација на кровни конструкции и лифтови во колективни станбени згради на територија на општината. -Ги повикувам сите станбени заедници во Општина Центар кои имаат потреба од санација на покриви или поправка на лифтови да аплицираат и да ги искористат средствата што ги нудиме. Ова е можност да се подобрат условите за живеење, безбедноста и енергетската ефикасност во вашите згради – напиша градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Финансиската поддршка изнесува 30 отсто од вредноста на проектот, но не повеќе од 150.000 денари за кровови и 300.000 денари за лифтови, останатите 70 отсто од трошоците ќе ги обезбедуваат сопствениците. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“, а право на учество имаат заедници на сопственици или управители од Општина Центар чиишто станбени згради се постари од 15 години и се населени најмалку 70 проценти од вкупниот капацитет на зградата. За аплицирање, потребна е одлука со потписи од 50 отсто плус еден сопственик, како и комплетна документација според условите наведени во повикот како што се договори, понуди, фотографии, технички извештај и слично. Пријавите се поднесуваат физички во општинската Архивата(барака шест) или по пошта во периодот од 10 мај до 30 јуни 2025 година, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот. Оние жители кои се заинтересирани, можат да се информираат на линкот или на веб-страницата на Општината. Заинтересираните жители може да се информираат на линкот во прилог или на општинската веб-страница.