Запрашан за исходот од последните избори, лидерот на СДСМ, Венко Филипче во емисијата „Политиканти“ истакна дека дел од традиционалните гласачи на СДСМ, од револт гласале за ЗНАМ или останале дома.
„Нашата анализа за одливот на нашите гласови на минатите избори покажува дека немаме одлив на гласовите во партијата Левица. Имаме луѓе кои што останале дома или луѓе кои што гласале од револт за ВМРО ДПМНЕ или Движењето Знам. Еве сега, луѓето гледаат зашто гласале, гледаат дека биле излажани“ – порача тој. Филипче додаде дека активно се работи на консолидација на партијата.
„Работиме секојдневно и праќаме пораки и на членовите, и на симпатизерите, и на сите гласачи, дека ги научивме лекциите од тој пораз, дека делуваме поинаку и дека со политиките кои што ги градиме и ги презентираме веруваме дека тие ќе возвратат со доверба. Консолидацијата не е лесен процес и јас многу внимателно го водам тој процес, да кажам секое скалило го поминувам по два пати, со цел да не погрешам во селекцијата на луѓето, а тоа е една од клучните работи, која што утре ќе ја води партијата напред. Значи да ги избереме најдобрите луѓе да ја претставуваат партијата, како во партиските структури, така и на изборите кои што сега доаѓаат за градоначалници и на советничките листи“ – потенцира Филипче.