Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од општините Струга и Вевчани, месните заедници и невладиниот сектор. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе изработи Студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица, како прв чекор во процесот за нејзино прогласување за заштитено подрачје. Планината Јабланица е природно богатство со исклучителна биолошка и геолошка вредност. Таа веќе е дел од Националната Емералд мрежа на подрачја од особено значење за зачувување на природата и е идентификувана како потенцијално подрачје во идната Натура 2000 мрежа. Со прогласувањето за заштитено подрачје ќе се овозможи нејзина долгорочна заштита и одржливо управување како еден од највредните природни региони во земјата.
Со Студијата ќе се создаде база на податоци за биолошката разновидност, геодиверзитетот, живеалиштата, хидрологијата и други природни елементи на масивот, ќе се направат теренски истражувања и ГИС обработка на податоците од национално и ЕУ значење, а ќе се организираат и две јавни консултативни средби. Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од општините Струга и Вевчани, месните заедници и невладиниот сектор. Во 2023 година од страна на МЖСПП беше финансирана и изработена социо-економска студија за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје, односно национален парк, како што е делот на Јабланица во Албанија, прогласен во 2008 година. Извор: Новинска агенција МЕТА