Откако го откажа концертот кој требаше да се одржи пред крајот на минатата година во салата „Јане Сандански“ во Скопје, најавен е ексклузивен концерт на Владо Јаневски во Охрид, на лето. Станува збор за настан кој треба да се одржи на осми август во Антички театар во Охрид, во организација на „Прагма продукција“.
– Овој настан е уште една потврда за исклучителната уметничка тежина што Јаневски ја носи со себе речиси три децении. Во уникатниот амбиент на еден од најубавите простори во државата, ќе оживеат балади кои се дел од колективната емоција – „Црно Тиквешко“, „Евергрин“, „Некогаш и Негде“, „Тајна отровна“… песни со кои растевме, созревавме, радувавме и тагувавме. Во градот каде што секоја калдрма има приказна, а секој здив е исполнет со историја и убавина, Владо ќе настапи на сцена под отворено небо, пред публика која го следи и сака со генерации. Античкиот театар, со својата специфична атмосфера, ќе биде идеалната сценографија за едно вечерно музичко патување низ безвременските хитови на овој врвен уметник, велат од продукцијата.
Додаваат дека концертот на Јаневски, ќе ја потсети публиката на моменти кои ги мислела заборавени, ќе ја натера да се сети кого сакала, кого изгубила, и зошто љубовта секогаш останува најважната животна лекција. Инаку, за скопскиот концерт на музичарот, кој требаше да се одржи на 27-ми декември лани во организација на „Авалон Продукција“, како причина за откажувањето беше наведена здравствената состојба на Владо, но и одредени технички проблеми. Беше соопштено дека е донесена одлука концертот да се одржи во периодот март-април 2025 година, но конкретна најава за одржување, се уште нема.
Вики Клинчарова