Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“ на Самитот 2025, рече дека ваквата апликација е инспирирана од украинската апликација ДИА. Владината суперапликација треба да биде клучен проект, кој ќе ги донесе услугите до граѓаните, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамките на Самитот 2025, во организација на Македонија 2025.
– Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Супер Aпп – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и да ја лансираме до крајот на оваа година – соопшти Андоновски. Тој објасни дека ваквата апликација е инспирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
– Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон в рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму – праша министерот? – Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа според сите правила – бидејќи ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им ги вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука, во Македонија – заклучи министерот.