ЈП Комунална хигиена-Скопје ја демантира изјавата на в.д. градоначалникот на општината Аеродром, Дејан Митески, каде што се наведени низа невистинити информации поврзани со активностите на Претпријатието во оваа скопска општина. Изјавата на Митески во којашто тврди дека „општината ангажирала 100 дополнителни вработени секој месец што ги празнат контејнерите и собираат кабаст отпад“ ја оценуваме како целосно НЕВИСТИНИТА, од причина што самата општина не поседува специјални комунални возила соодветни за празнење на контејнерите наменети за одлагање комунален отпад. Не разбираме на кој тоа начин вработените во општината можат да ги празнат овие контејнери?!?
Напротив, вработените во општинските служби секојдневно ги ПОЛНАТ контејнерите во коишто го истураат отпадот што го собираат при чистењето на сервисните улици и реони кои се во нивна надлежност за што имаме голем број на сведочења од граѓаните во општината. Го замолуваме Митески нека ја информира јавноста каде завршува отпадот што неговите општински служби секојдневно го собираат во канти при одржувањето на хигиената на општинските улици и паркови? Секако дека истиот се истура во контејнерите наменети за одлагање комунален отпад од страна на домаќинствата! Не разбираме ниту во кој контекст Митевски го споменува кабастиот отпад кога дури минатата недела оваа општина започна акција и постави специјални контејнери за собирање кабаст отпад.
Пред да започне оваа акција, со месеци наназад ЈП Комунална хигиена-Скопје се бореше со енормните количества кабаст отпад што се одлагаат на јавни површини во општина Аеродром, за што е доволна една куса обиколка низ општината каде што лесно може да се забележи дека во близина на речиси секоја микролокација каде што се поставени контејнери непрописно е одложен и кабаст отпад. Во текот на 2024 година во општината Аеродром се отстранети 200 кубни метри кабаст отпад од јавни површини, а само во текот на месецот април 2025 година екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале околу 100 кубни метри непрописно одложен кабаст отпад. Го информираме Митески дека секое одлагање отпад надвор од контејнерите претставува кршење на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции и апелираме до него да започне со санкционирање на прекршителите на овој Закон и на тој начин да придонесе за одржувањето на хигиената и чистотата во општината Аеродром.