Обвинителот Александар Марковски го задржа правото да бара поголема затворска казна од 12 години колку што денес му пропиша Основниот кривичен суд во Скопје на Васил Јованов кој смртно ја прегази 22- годишната Фросина Кулакова. Обвинителот по пресудата кажа дека судот изрекол досега највисока казна за вакво дело.
„Ова беше една мала победа за Обвинителството. Инаку станува збор за трагичен настан и нема простор ниту за славје ниту за разочараност. Во поглед на тоа самопризнание мислам дека придонесе и ефикасната и брза истрага кон која, со свој кадар и напори, придонесе и МВР кои беа на висина на задачата како и истражителите од ОЈО Скопје. Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор која во историјата на овој Суд, за ова кривично дело и кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, сметајќи на висината од 12 години казна затвор. Сепак Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор“, рече обвинителот Марковски.