Апелацискиот суд во февруари годинава ја собори пресудата на судијката Даниела Алексовска Стојановска, која на Јованов наместо затвор, му пресудила престој во казнено-поправен дом за трговија со амфетамин, но, Врховниот суд на 7 мај ја соборил пресудата на Апелација и го вратил предметот на повторно одлучување.
Врховниот суд на 7 мај ја укинал пресудата од 3 години и 10 месеци затвор за Васил Јованов (21) што му ја изрече Апелацискиот суд во второстепената постапка за трговија со дрога. Јованов денеска во Кривичниот суд беше првостепено осуден на 12 години затвор затоа што на 30 јануари смртно ја прегази Фросина Кулакова (22) на пешачки премин во Скопје. Апелацискиот суд во февруари годинава ја собори пресудата на судијката Даниела Алексовска Стојановска, која на Јованов наместо затвор, му пресудила престој во казнено-поправен дом за трговија со амфетамин. Оваа пресуда предизвика остра реакција во јавноста, откако Јованов ја прегази Фросина, по што Апелација му досуди затвор. Но, Врховниот суд неодамна ја соборил пресудата на Апелација и го вратил предметот на повторно одлучување во второстепениот суд.
Не е јасно зошто овој факт не му бил познат на Кривичниот суд, кој при денешната пресуда од 12 години затвор за прегазувањето на Фросина ја зеде како отежнителна околност пресудата за трговијата со дрога, која ја смета за правосилна. Се наметнува прашањето дали Врховниот суд ги известил Обвинителството и судовите за својата одлука. Врховниот суд ја донел одлуката пред Јованов да признае вина за сообраќајната несреќа.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 7.5.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 5.2.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување.