Пратениците на ВМРО ДПМНЕ не гласаа и не го поддржаа предлогот на СДСМ на дневен ред да се стави Законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани. – Го предложивме ова законско решение затоа што не станува збор за обичен законски текст, туку за морална, институционална и човечка обврска на сите нас. Тој произлезе од големата трагедија што ни се случи во Кочани, каде што животот го загубија 62 лица, а уште 250 беа повредени.
Со донесувањето на овој закон ја преземаме нашата должност како држава – да не дозволиме страдањата на граѓаните да бидат игнорирани или потиснати. Со тоа институциите конечно ќе застанат зад народот по оваа трагедија. Потребна е помош и во деновите што следат, во процесот на закрепнување, со солидарност и одговорност. Поддршката преку овој закон опфаќа обештетување за сите семејства што загубиле член – по 80.000 евра во денарска противвредност. Помош ќе добијат и оние кои имаат инвалидитет – рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски денес во Собранието.