Вчера во Косово бил уапсен Дритон Ибиши, 52-годишен маж од Скопје против кого има активна меѓународна потерница и за кој се верува дека е дел од криминалната група од Грчец. Како што објавија дел од косовските медиуми, на Ибиши веќе му се ставени лисици и за ова е известен тамошниот надлежен обвинител. Во полицискиот извештај се наведува дека Ибиши бил фатен на автопатот Приштина-Феризај околу 17:30 часот по локално време.
„Осомничениот маж, државјанин на Северна Македонија, по кого е распишана меѓународна потерница, е уапсен. Со одлука на обвинителот, осомничениот е приведен“, соопштиле од косовската полиција. Во јануари минатата година, беше отворена истрага против 15 лица, меѓу кои и Ибиши. По месец дена откако беше сузбиена криминалната група, предводена од Шеваљ Муареми, инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства, ликот на Муареми осамна на сајтот на МВР во потрагите по исчезнати лица. Тогаш беше објавена фотографија и од Ибиши. Групата е осомничена дека транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до белгиското пристаниште Антверпен, како и 106 килограми кокаин од Перу до холандското пристаниште Ротердам. Групата шверцувала дрога од Белгија во Македонија и од Албанија во Македонија.