Претседателот на Собранието,Африм Гаши, денеска оствари средба со Карен Пирс, специјален пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Гаши изрази големо задоволство од средбата и упати честитки за нејзиното назначување на оваа многу значајна и одговорна функција, при што посака успешен мандат во работата поврзана со нашиот регион, како и одржување конзистентни односи со државните институции во земјата преку конструктивен дијалог.
Тој истакна дека очекува искреното пријателство и соработка што постои меѓу двете земји, во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува. Република Северна Македонија и Обединетото Кралство негуваат повеќедецениски одлични билатерални односи, во политички и економски контекст. Потенцираше дека остануваме посветени да го негуваме долгогодишното партнерство РСМ-ОК рефлектирано преку силни и храбри односи. Особена благодарност тој упати за посветеноста на Обединетото Кралство за унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашата земја и Регионот и ја поздрави одлуката еден од приоритетите на надворешната политика на Обединетото Кралство да остане посветена на просперитетот на Западниот Балкан.
Карен Пирс истакна дека трговските односи меѓу двете држави се одлични. Постојат голем број на британски инвестиции во земјата што влијае позитивно на севкупните економски односи. Обединетото Кралство претседава со Берлинскиот процес и продолжува да ги поддржува напорите за европска интеграција на Северна Македонија и на другите земји од Регионот. Двајцата соговорници се согласија дека е многу важно да продолжи парламентарната соработка и двата Парламента да одржуваат редовна комуникација меѓу пратеничките групи, со што ја зајакнуваат целокупната парламентарната дипломатија.