Во иднина, постапките за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Судскиот совет да се водат јавно, без можност за исклучување на јавноста во која било фаза – предвидува новиот Предлог-закон за Судскиот совет, кој Министерството за правда го доставило до Венецијанската комисија. Тој е исто така поставен и на платформата ЕНЕР. Од Министерството појаснуваат дека овие измени произлегувале од препораките на Оценската мисија на Европската комисија и претставувале дел од обемна ревизија на постојното законско решение. Ако биде усвоен предлогот, постапката за разрешување ќе може да ја иницираат најмалку четворица членови на Советот, а одлуката за разрешување мора да биде донесена со најмалку осум гласови. Претседателот или заменик-претседателот кој ќе биде разрешен ќе има право на тужба до Управниот суд.
Ова е дел од поширок пакет измени, со кои се предлага целосно нов закон, поради тоа што, како што тврдат од Министерството за правда, речиси две третини од постојното законско решение се менуваат. Покрај начинот на разрешување на претседателот и неговиот заменик, се дефинира и терминот „истакнат правник“ за избор на не-судиски членови на советот. Кандидатите ќе мора да имаат најмалку 15 години искуство во правната професија по положен правосуден испит или да се универзитетски професори со најмалку седум години во наставно-научно звање. Дополнително, ќе се бараат најмалку три препораки од релевантни правни професионалци.
Се предвидува и обврска за јавни расправи на кои кандидатите за членови ќе одговараат на прашања од стручната и пошироката јавност. Судскиот совет е клучната институција во рамки на правосудниот систем преку која се назначуваат судии. Не е јасно дали и постапката за избор на претседател и заменик претседател на Советот ќе мора да биде јавна со предлог измените. Извор: Новинска агенција МЕТА