Повеќепати оспоруваната Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), чија претседателка Татјана Димитровска е осомничена за одавање службена тајна, доби уште две пријави со сомнежи за незаконско унапредување и непотизам. Едната е за Игор Андоновски, брат на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и син на Љупчо Андоновски, советникот за национална безбедност на премиерот Христијан Мицкоски и поранешен директор на УБК, пренесе Слободен печат.
Втората е поради сомнежи за незаконско издавање диплома за магистер на Александар Јанев што, според пријавителот, значи дека и неговото именување на функцијата директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) е незаконско. Со оглед на тоа што Антикорупциска веќе го истражува министерот Андоновски, ова е уште пријава повеќе против семејството Андоновски. Двете пријави беа испратени во понеделникот по електронска пошта до медиумите, и иако на прв поглед се чинеше дека се испратени од политичката партија „Левица“, оттаму во разговор за „Слободен печат“ негираа дека тие ги испратиле пријавите. Но овие пријави, од засега непознат дојавувач стигнале до Државната комисија за спречување на корупцијата и иако обезглавена, со осомничена претседателка, Комисијата отворија предмети и ќе истражува.
-Ве известуваме дека на 11.05.2025 година, по електронска пошта, до ДКСК доставени се двете пријави за кои прашувате. Наведените пријави се заведени од страна на ДКСК и по истите се оформени предмети во рамките на законските надлежности на ДКСК – велат од Комисијата за „Слободен печат“. Љупчо Андоновски е татко на Стефан Андоновски, актуелен министер за дигитална трансформација, но и на Игор Андоновски, новиот началник на Агенцијата за национална безбедност за Град Скопје. Таму, неофицијално, бил унапреден во декември, од началник на единицата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) – Гази Баба, каде што бил поставен во август. Сомнеж за непотизам и незаконско унапредување на Игор Андоновски Едната пријава во ДКСК е за сомнеж за непотизам и незаконско унапредување на Игор Андоновски, кој според наводите во пријавата, за само пет месеци двапати е унапреден на повисоко работно место, прво во август 2024 година во началник на единицата на АНБ Гази Баба, а во декември е унапреден во началник на канцеларијата на АНБ за Град Скопје. Законот за АНБ, во членот 113, изречно предвидува дека треба да помине најмалку една година од неговото последно унапредување.
– Игор Андоновски е незаконски унапреден во друго работно место началник на канцеларија на АНБ за Град Скопје со основна плата од 1.300 бода, спротивно на член 113 став 1 алинеја 5 од законот за Агенција за национална безбедност се нагласува во пријавата.Игор Андоновски е незаконски унапреден во повисок платен ранг спротивно на членот 109, кој ги пропишува условите за унапредување во повисок платен ранг од Законот за АНБ, а во врска со членот 111 од истиот закон каде што се пропишува дека исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг се проверува еднаш годишно, и тоа на 1 јуни за сите работници во Агенцијата, а во врска со член 116 од истиот закон каде што се пропишува дека работата на работниците на Агенцијата задолжително се оценува еднаш годишно најдоцна до 1 декември за тековната година“, конкретно се објаснува што е незаконско во пријавата. Освен сомнежите за незаконско унапредување, во пријавата се спори и тоа што Андоновски, како што тврди пријавувачот, нема поминато полиграфско тестирање за проверка на професионалниот интегритет, што според Законот за АНБ од член 67, е задолжителен услов за засновање и задржување работен однос.