Според вицепремиерот, влијанието на Србија во земјава се преувеличува, за да се прикријат другите влијанија кои се обидуваат да навлезат во македонското општество и по економска и по политичка линија Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, вечерва во „Само вистина“ на „Канал 5“ рече дека влијанието на Србија во Македонија се преувеличува, според него за да се прикријат влијанијата на други држави.
„Како што постои „српски свет“, постојат и многу други светови, како што постои и „македонски свет“, инаку која би била целта македонските политички партии да одат во Албанија и да разговараат со Македонците во Албанија, или пак ако не постои „македонски свет“ – која би била целта да се борат за првата на Македонците во Бугарија. Тоа е пред сè една културна кованица, која на некој начин покажува дека постојат Срби и надвор од Србија“, се обиде да објасни Стоилковиќ.
„Сметам дека е најнормално да имам прекрасни односи со српското државно раководство и да имам прекрасни односи со скоро сите претставници на српскиот народ на поранешна Југославија. Морам да посочам дека многу се манипулира со таа работа, јас сум македонски граѓанин, член на Владата, избран сум во Собрание, но како дел на кабинетот на Премиерот Мицкоски и досега од него немам ниту една забелешка за моето работење. Влијанието на Србија се преувеличува, за да се прикријат другите влијанија кои се обидуваат да навлезат во македонското општество и по економска и по политичка линија. Добро е што и Србите и Македонците се чувствуваат блиски меѓу себе. Македонската јавност знае кој е загрозен од тие добри односи“, рече тој.