Дали отсуството на рускиот претседател Владимир Путин на преговорите во Турција би можело да ја зајакне позицијата на Володимир Зеленски во очите на Трамп? Кога Володимир Зеленски денес ќе слета во Анкара на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тоа нема да биде уште еден протоколарен самит со ракувања и изјави за медиумите. Она што наскоро ќе го видиме е игра на геополитички покер со високи влогови – Зеленски прифати улога во играта и сега се обидува да го разоткрие блефот на Владимир Путин пред целиот свет, анализира Скај. На масата ќе биде и Ердоган, кој може да игра улога на медијатор и судија во оваа ситуација. Влоговите се високи – колку и да изгледа неверојатно, најкрвавата војна во Европа од Втората светска војна, би можела да почне да се расплетува денес.

Психолошката офанзива на Зеленски
Зеленски, сепак, сака да го искористи овој потег за да ги разоткрие изјавите на Путин за мир и да покаже дека тие се празни, бесмислени фрази без никаква содржина. Доколку се појави рускиот претседател, што сега изгледа малку веројатно откако синоќа беше објавено дека доаѓа руска делегација, а не тој лично, Зеленски најави дека веднаш ќе одлета од Анкара за Истанбул, каде што ќе се водат директни преговори. Тоа е класична, но и многу добро осмислена форма на психолошко надмудрување – Зеленски ја игра играта на Путин, но не му остава простор за маневрирање. Актуелниот американски претседател Доналд Трамп го повика Зеленски да го прифати рускиот предлог за директни преговори, кој дојде неочекувано во неделата. Предлогот дојде откако Украина и нејзините сојузници повикаа на безусловно 30-дневно примирје – Кремљ се обиде да ја разводни таа иницијатива со контрапредлог што би ги одложил конкретните потези. Зеленски сега ја прифати „понудата“ на Путин и практично го принуди да го направи следниот потег.

Отсуството на Путин може да го зајакне Зеленски во очите на Трамп
Секако, можно е Путин да се појави, што би бил знак дека го чувствува притисокот: санкциите, загубите на бојното поле и можеби факторот Трамп силно го оптоваруваат. Но, ако не се појави, ќе покаже она што многумина веќе го мислат – дека е агресор кој нема вистинска волја за мир и само одложува со испраќање помала делегација. Тоа би била морална победа за Украина и можеби би било доволно за да се добие поголема воена помош за Зеленски од администрацијата на Трамп, и покрај нивната досегашна воздржаност, анализира Скај.