Бујар Османи за претседателката Гордана Силјановска Давкова вели дека ја користи нејзината функција за ширење дезинформации. „Со жалење констатирам дека претседателката, наместо да ја користи својата функција за да ја поддржи европската иднина на државата, продолжува да шири дезинформации кои сведочат за сериозно непознавање на основните процедури на Европската Унија.
Преговарачката рамка не е документ што го потпишува министерот за надворешни работи, туку е усогласена и усвоена од сите 27 земји-членки на ЕУ, по што ја усвојува Владата и ја гласа Парламентот. Во нашиот случај, преговарачката рамка беше поддржана со 67 гласови во Собранието, вклучувајќи ја и содржината на протоколите.
Најмалку што може да се очекува од една претседателка е да биде информирана и да се изразува одговорно. Популизмот можеби носи поени за денес, но ѝ штети на државата утре. А од една професорка, сепак се очекува барем основно познавање на материјата“, напиша тој.