Тоа што крајнодесничарски европарламентарец кој се соочува со повеќе обвиненија за напад врз малцински групи и луѓе од други етнички заедници, а на кој му бил одземен имунитетот во ЕП, го пали знамето на ЕУ, не значи дека ЕУ и НАТО се фашистички организавции и некаков фашистички режим. Уште помалку тоа значи дека никој повеќе не сака да членува во овие организации. Токму постапките на европратеникот Браун и обвиненијата со кои се соочува поради нив, наликуваат на фашизам. Анализираме објава на Фејсбук која вели:
НАТО и ЕУ се фашистички организација и никој не сака повеќе да членува во новиот фашистички режим .
Објавата споделува фотографија на која се гледа како двајца мажи стојат покрај запалено знаме на Европската Унија.
Фотографијата ја пребаравме на Гугл со цел да видиме за што станува збор. Мажот прикажан на неа облечен во црно одело е полскиот крајнодесничарски европратеник Гжегож Браун. Европскиот парламент на 6 мај гласаше да му се одземе имунитетот Браун, за да може да се соочи со обвиненија во својата татковина за разни наводни кривични дела, вклучително и инцидент во кој тој нападнал еврејска верска прослава во полскиот парламент со противпожарен апарат. На Браун, кој е кандидат на претседателските избори во Полска следниот месец, минатата година му беше одземен имунитетот од страна на полскиот парламент и се соочи со обвиненија. Но, подоцна беше избран во Европскиот парламент, со што повторно доби пратенички имунитет.
Prosecutors have charged Grzegorz Braun, the far-right MP who attacked a Jewish ceremony in parliament, with the crime of insulting a religious group, which carries a potential prison sentence.
He has also been charged over a number of other incidents https://t.co/oSMecQMEB4
— Notes from Poland 🇵🇱 (@notesfrompoland) April 9, 2024
Генералниот обвинител на Полска, Адам Боднар, кој е и министер за правда, побара Европскиот парламент да му го одземе имунитетот на Браун во врска со седум одделни инциденти што се случиле во 2022 и 2023 година. Браун е обвинет и за оштетување на имот кога прекинал предавање на полски еврејски научник за холокаустот во Германскиот историски институт во Варшава. Тој е обвинет и за навреда и кршење на телесниот интегритет на директорот на Националниот институт за кардиологија и за оштетување на елка што ја отстранил од судницата бидејќи била украсена со знамиња на ЕУ и ЛГБТ+. По гласањето за одземање на имунитетот, Браун објави видео од себе како го пали знамето на ЕУ и напиша:
Долу еврокомунизмот! Ова е Полска.
Тоа што крајнодесничарски европарламентарец кој се соочува со повеќе обвиненија за напад врз малцински групи и луѓе од други етнички заедници, а на кој му бил одземен имунитетот во ЕП, го пали знамето на ЕУ, не значи дека ЕУ и НАТО се фашистички организации и некаков фашистички режим. Уште помалку тоа значи дека никој повеќе не сака да членува во овие организации. Фашизмот е екстремно десничарска, авторитарна, ултранационалистичка политичка идеологија и движење, што се карактеризира со диктаторски лидер, централизирана автократија, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во цврста општествена хиерархија, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата. Фашизмот ги отфрла тврдењата дека насилството е негативно или бесмислено, наместо тоа ги гледа империјализмот, политичкото насилство и војната како средства за национално освежување. Фашизмот се залага за воспоставување на тоталитарна еднопартиска држава, при што авторитаризамот и национализмот често се манифестираат како верување во расна чистота или господарска раса, обично помешани со некоја варијанта на расизам или дискриминација на демонизираниот „Друг“, како што се Евреите, хомосексуалците, етничките малцинства или имигрантите. Овие идеи ги мотивираа фашистичките режими да вршат масакри, присилни стерилизации, депортации и геноциди.
Токму постапките на европратеникот Браун и обвиненијата со кои се соочува поради нив, наликуваат на фашизам. Одликите на фашизмот се далеку од вредностите што се фундаменти на Европската Унија и НАТО. Откако во голем број европски земји беа одржани избори за претставници во Европскиот парламент на коишто доминираше десницата, во објави на социјалните мрежи, како што е случајот и со објавата предмет на нашата анализа, се засили наративот дека ЕУ е фашистичка. Но, таквите тврдења не се реални. Европската Унија, спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции, кои, меѓу другите, ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.
ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, пак, фашистичките режими се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права. ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. Што се однесува до НАТО, тоа не е никаква фашистичка организација, туку претставува одбранбена Aлијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници. Не е точно дека никој повеќе не сака да се приклучи на ЕУ и НАТО. Украина одамна инсистира да стане членка на НАТО, а ЕУ води преговори за членство со Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора, Молдавија, Украина, а преговори со ЕУ почна и Северна Македонија. Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.