Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната средба со министерката за надворешни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер, ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за поддршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија. Тој, исто така, ги истакна одличните економски односи на двете земји, со оглед на фактот дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во Република Северна Македонија.
Што се однесува до актуелната фаза на интегративниот процес, претседателот Гаши го потврди ставот дека Република Северна Македонија бара решение кое ќе овозможи промена на Уставот, но во исто време ќе биде и гарант дека идентитетското прашање и други билатерални прашања во иднина нема да бидат пречки на патот на земјата кон ЕУ.
Австиската министерка Мајнл-Рајзингер се согласи дека билатералните односи помеѓу двете земји се одлични и изрази подготвеност за нивно понатамошно продлабочување. Таа изрази искрена порака дека Уставот треба да се промени, а Република Австрија ќе направи сѐ што е во нејзина можност за да нема понатамошни пречки во процесот на евроинтеграција. Министерката искажа и подготвеност на официјална Австрија да помогне во олеснувањето на можните разговори помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. На крајот, двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и отвореност за натамошна соработка.