Пишува: Валентина ВУРМО Судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски се приближува кон крајот. Меѓу останатите докази, од самиот старт, не се наоѓа пиштолот, со калибар од 9 мм, а со кој егзекуторот, како професионален убиец, без да му затрепери раката, ги усмртил двете жртви. Најголема врева за оружјето во судница креваше обвинетиот ликвидатор, Љупчо Палевски-Палчо, обвинувајќи го обвинителството дека не направило се за да докаже, како што и самиот алудираше, дека пиштолот е на обвинетиот му сопартиец, каратистот Боро Видевски. Тој со години имал пиштол, за кој имал и дозвола, ама ете, баш пред двојното убиство го сокрил некаде, па и самиот не може да се сети каде.
И покрај неубедливото оправдување, сепак на почетокот сметав дека е исклучена можноста убиствата да се извршени со неговото оружје, бидејќи обвинителството не презентираше таков доказ, а тој се добива со едноставна споредба на чаурата од легалниот пиштол, оставена во базата на МВР, и онаа најдена на местото на злосторството. Имено, секој пиштол со дозвола мора да е „испукан“, поточно од него се испукува чаура, која како примерок останува во МВР. Доколку со истото оружје се изврши кривично дело, преку споредба на чаурата со примерокот во базата на МВР, со 100 отсто сигурност се утврдува дали е пукано со истото оружје. Вака е во теорија, ама во пракса и не било баш така.
Поточно и обвинителството тргнало по овој пат на прибирање на доказите, ама во самиот финиш дознаваме дека од СВР Велес добиле одговор дека иако каратистот имал дозвола за пиштолот, истиот не бил ,,испукан”, па така е и невозможно да се направи споредба. Пропустот очигледно е направен пред многу години, и сега, за жал, нема враќање назад. Но, она што паѓа во сенка, при гласната врева која се создаде за пиштолот, а што е можеби и најважно, е фактот дека тој не е главниот доказ за ова злосторство! И да беше најден уште првиот ден, доколку бил исчистен, со отстранети отпечатоци, немаше да ,,каже” премногу. Или да бидам појасна, тоа немаше да му биде џокерот за слобода на Палчо, бидејќи не е невозможна теоријата дека го позајмил пиштолот на Видевски, бидејќи сепак биле во истата криминална група?! Така да и со пиштолот меѓу доказите, поголема доказна вредност имаат сведочењата на двајцата сообвинети, дека тие го виделе ,,царот” Палчо со пиштолот во рака вперен кон жртвите! А дали бил на Петко или Трајко, без отпечатоци на него, е ирелевантно, бидејќи не значи дека само сопственикот можел да пука со него. Па така, каде е пиштолот, можат да кажат само злосторниците, како што само тие знаат и кој бил вистинскиот мотив за одземање на животот на малата Вања.
ЦАРОТ Е ГОЛ! Во нивните искази речиси кај сите се надзираше лага, бидејќи секој од нив се обидува да се спаси колку што може, но се чини дека најубедливо беше сведочењето на ,,слугата” на Палевски, Влатко Кешишев, кој го соголи ,,царот”. Тој, до неодамна, без приговор ги слушал и исполнувал неговите заповеди и барања. Му готвел јадење, му варел кафе, го чистел седиштето на партијата „Десна“… Буквално дишел како што ќе му речел царот. Имал стравопочит и не се спротивставувал, ниту, пак, потпрашувал. Со уште двајца поданици, меѓу две кафиња, здружено правеле партиска „стратегија“ како да го спасат името на МПЦ, ама истовремено, меѓу две молитви, паѓал и муабет за киднапирање луѓе за изнуда на пари! Заклучиле дека само од вера во Бога не се живее, па од зад грб кроеле монструозни планови со Ѓаволот. Кога царот и неговите поданици го киднапирале, а потоа и убиле Панче Жежовски, Кешишев слушнал истрел, ама пак не прашувал многу. Молчел и си продолжувал со домаќинските работи. Но, кога по вторпат видел пиштол во раката на господарот и слушнал истрел, придушениот звук почнал да му ја буди совеста.
Откако по крвавиот чин се прибрале во штабот, како ништо да не се случило, слугата станал да свари кафе. Тогаш видел на Фејсбук дека се бара девојчето Вања, па сфатил дека таа била избраната жртва на царот. Притиснат од грижа на совеста, бидејќи со свои очи сведочел и со свои раце учествувал во грабнувањето и убиството на мало девојче, решил да го прекине заветот за молк. За време на истрагата дава признание, а дополнително соголување на царот направи и во судница. Како и во приказната за „Царевата нова облека“, кога детето што се издвои од толпата и извика дека царот не е за восхит, бидејќи не е дотеран, туку е гол, така и тој им ги отвори очите на другите, соблекувајќи ја лажната слика за семоќниот Палевски. Затоа и сведочењето на Кешишев, засега се чини, ја има најголемата доказна вредност. Другите двајца обвинети, Велибор Манев и Боро Видевски се посебен студиски случај, секој за себе. Во признанието на Манев ја нема наивноста на Кешишев, а се надзира и заднина со која се надева дека ќе ја избегне запретената казна на доживотен затвор. Видевски, пак, негира секаква вина, оправдувајќи се дека поради ќотекот во полиција и во притвор го дал првичното признание.
Тврди дека имал алиби, бил на работа и имал куќна слава, но за поткрепа на неговите празни зборови не повика ниту еден сведок, ниту колегите или сопругата. Материјалните докази, пак, одат во прилог на Обвинителството. Како што засега стојат работите, единствено ослободителна пресуда му е достижна на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. И покрај убеденоста на обвинителството за негова вмешаност, не се докажа негова врска или комуникација со царот. Набрзо ќе стаса и пресудата, а за која уште сега е јасно дека нема да може во целост да ја разоткрие грозоморната мистерија која ја потресе јавноста. Но тоа не значи дека доколку не можеме да влеземе во болниот ум на монструмот, за да го откриеме мотивот, злосторствата не се случиле. Доволно е да се сетиме дека двајца од злосторниците, соочувајќи се со казна доживотен затвор, дадоа признание. Зошто, доколку не е така како што велат, самите би си ја ставиле јамката околу вратот?