Во Белград вечерва, симболично на улицата „Македонска“ во центарот на градот, свечено беше отворен Македонскиот културно-информативен центар, а на отворањето присуствуваа македонскиот и српскиот министер за култура, Зоран Љутков и Никола Селаковиќ. Во музичкиот дел од програмата, насловена „Ајде, слушај, слушај…” настапија Зарина Првасевда, а како специјален гостин во програмата беше и домашниот музичар со македонски корени, Васил Хаџиманов.
Во ликовниот дел од програмата, претставена е ретроспективна изложба на 25 ликовни уметници од Друштвото на ликовни уметници-Македонци во Србија (ДЛУМС). На свеченоста се дегустираше македонско вино од гевгелиското поднебје. На свеченоста се обратија директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров, амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчески, српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, македонскиот министер за култура и туризам Зоран Љутков и потпретседателот на македонската влада и министер за односи со заедниците, Иван Стоилковиќ.