Вкупната вредност на зделката е 2,745 милијарди евра. Србија се согласила на заем од 1.921.500.000 евра со неколку француски банки и финансиски институции за плаќање на 12 борбени авиони – ловци „Рафал“ и сродни производи и услуги, објави „Форбс Србија“. Задолжувањето е објавено во Предлог-законот за потврда на кредитни аранжмани, на веб-страницата на Парламентот на Србија. Според Законот за јавен долг, Парламентот мора да го потврди задолжувањето на државата. На 29 август 2024 година, Владата, преку Министерството за одбрана, склучи договор со „Дасолт Авијација“ за набавка на 12 авиони „Рафал“ и сродни производи и услуги. Вкупната цена на набавка на опремата што треба да се испорача и услугите што треба да ги изврши продавачот според комерцијалниот договор изнесува 2.745 милијарди евра. Веќе е платен износ од 30 отсто од таа сума.
Кредитниот аранжман, како што се наведува, ќе биде достапен преку директни плаќања на продавачот за стоки и услуги што ќе бидат испорачани и извршени во согласност со комерцијалниот договор. Неколку француски банки и кредитни институции се наведени како оригинални заемодаватели – Бред банк популер“ со учество во износ од 163.327.500 евра. Корпоративната и инвестициска банка „Креди агрикол“ и „Креди индустриел е комерсијал“ учествуваат со по 345.870.000 евра. Од „Креди Лион“ се очекува заем од 163.327.500 евра, додека „Сосиете женерал“ ќе обезбеди заем од 422.730.000 евра. Тука е и „Натиксис“ со учество во кредитот од 480.375.000 евра. Договорена е примена на варијабилна каматна стапка базирана на шестмесечниот Еурибор, зголемен за применливата фиксна маргина од 0,98 проценти годишно, пишува „Форбс Србија“.