Израелската војска (ИДФ) објави дека ја започнала првата фаза од големата офанзива во Појасот Газа, наречена „Гидеонови кочии“. Според соопштението на армијата, во текот на изминатиот ден, ИДФ извршила напади и мобилизирала сили за преземање стратешки области во Газа, пишува Тајмс оф Израел. Се додава дека ова е дел од почетните чекори на операцијата „Гидеонови кочии“ и проширување на кампањата во Газа, чии цели се ослободување на заложниците и пораз на Хамас.
„Трупите на ИДФ во јужната команда ќе продолжат со операциите за заштита на израелските граѓани и постигнување на целите на војната“, се вели во соопштението. Според израелските власти, офанзивата „Гидеонови кочии“ вклучува „освојување“ на Газа и задржување на територијата, преместување на палестинското цивилно население во јужниот дел на Појасот Газа, напад на Хамас и спречување на групата да ја преземе контролата врз хуманитарната помош, пренесува Танјуг.