Прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски и британскиот амбасадор Метју Лосдон по повод согласноста за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер вчера на средба во Тирана одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, оценија дека договорот за стратешко партнерство ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.
Договорот меѓу двете земји е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Се оценува како историски, ќе отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени. Ова е договор кој ја позиционира Македонија во поширокиот круг на интереси на една од водечките светски сили. Станува збор за конкретна и долгорочна определба за зајакнување на билатералните врски со Обединетото Кралство.
Со потпишувањето на договорот, Македонија ќе добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.