Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство претставува втор столб на нашата меѓународна позиционираност по стратешкото партнерство со САД. Тој е потврда дека нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон. Како што истакна тој, договорот ќе биде основа и фундамент на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти, односно шест милијарди евра.
-Дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфаструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестици во здравстото и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Во наредните денови ќе се потпишат договори и за овие инвестиции – рече Мицкоски. Прашан за условите за најавените инвестиции, Мицкоски рече дека се работи на деталите.
-Ги знам отприлика бидејќи веќе се преговара со месеци и можам да кажам дека се најдобрите што може да ги има на пазарот, но тоа се уште не е финиширано, не е конечно иако сме блиску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено – рече тој. Британскиот амабсадор Лосон оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заедники вредности, заедничко членство во НАТО и мошне богата трговска врска.
-Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја – рече тој.