Денеска, во просториите на ЗЕЛС се одржа значаен состанок посветен на разгледување на можностите за децентрализација на социјалните услуги. На состанокот, присуствуваа и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, кој воедно е и претседател на Комисијата за социјални прашања при ЗЕЛС, како и други градоначалници и претставници на локалната самоуправа. На состанокот се дискутираше за иницијативата Центрите за социјална работа да преминат под надлежност на локалната самоуправа.
Овој чекор се гледа како клучен во насока на подобрување на пристапот и квалитетот на социјалните услуги, како и за зајакнување на координацијата меѓу локалните и централните институции. Секако дека треба да се одбере модел кој е проверен и базиран врз регионалното искуство. Децентрализацијата на социјалните услуги значи поголема достапност за граѓаните, побрза реакција на институциите и креирање функционален систем кој ќе одговара на реалните потреби на локалното население. Локалната самоуправа е најблиску до граѓаните – затоа таа треба да има клучна улога во грижата за нив.