Американски граѓанин е хоспитализиран во болница во Прага, поради сомнение дека е заразен со ебола. Четириесетгодишниот маж пристигнал во Чешка на 6 мај, откако претходно престојувал во Конго и Руанда. Во петокот вечерта, тој бил транспортиран од болница во Табор во специјална болница во Прага каде бил сместен во био-кутија, потврди чешкото Министерство за здравство. Човекот имал вкупно 26 контакти во Чешка, кои нашите специјалисти успеале да ги идентификуваат. Сите моментално се под надзор и во контакт со епидемиолозите. Никој во Чешка не е во непосредна опасност – изјави Матијас Фошум, директор на Одделот за заштита на јавното здравје, за порталот „Новинки“.

Според информации, неколку од контактите се здравствени работници и сите се ставени во карантин. Од болницата велат дека пациентот е стабилен, а се уште се чекаат резултатите од крвните примероци. Тој е сместен во изолација во био-кутија и го лекуваат лекари во специјални заштитни одела кои се деконтаминираат секој пат кога ќе влезат – изјави портпаролката на болницата. Еболата е ретка, но опасна по живот болест која се пренесува преку контакт со телесни течности на заразени животни или луѓе. Симптомите вклучуваат треска, главоболка, осип, повраќање и крварење.