Урбаните моторџии денеска по 10-ти пат ќе продефилираат низ скопските улици во знак на борбата против ракот на простатата и подигањето на свеста за машкото здравје. Облечени во стандардниот дрес код – палто, вратоврска, елегантни чевли и задолжително кацига, тие, како и секоја година, така и оваа ќе бидат дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlemans Ride кое се одржува во 108 држави со вкупно 1036 учесници.
Скопје првпат се најде на мапата на ова глобално движење во 2016 година, а оваа урбана приказна со хуманитарна димензија опстои благодарение на двајцата иницијатори Игор Стефановски и Благоја Петровски. Секоја година се донираат финансиски средства кои потоа се уплатуваат на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, а оттаму се трансферираат во сите оние болници и институции кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и ракот на простата.