Според проверките што ги изврши „Фокус“, во овој сегмент доминираат неколку компании, кои нудат цени и од нецел денар за сервисирање на ПП апарат во министерствата, општините, училиштата, градинките, болниците, а пронајдовме пример каде што оваа услуга чини, ни повеќе ни помалку, туку нула денари. Тендерските постапки за ангажирање фирми за сервисирање ПП апарати и друга противпожарна опрема во државните институции и во јавните установи често завршуваат со договори, кои се неколкукратно пониски од проценетата вредност на набавката. Според проверките што ги изврши „Фокус“, во овој сегмент доминираат неколку компании, кои нудат цени и од нецел денар за сервисирање на ПП апарат во министерствата, општините, училиштата, градинките, болниците, а пронајдовме пример каде што оваа услуга чини, ни повеќе ни помалку, туку нула денари. Во таква ситуација, дел од упатените во оваа проблематика веќе јавно го поставија прашањето дали оваа услуга се вршела соодветно и дали се вршела воопшто, бидејќи, како што велат, за еден денар не можат да го набават ниту картончето, а камоли да ги покријат другите трошоци. Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
По пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во јавноста се отвори дискусија околу (не)почитувањето на законските одредби и стандарди за безбедноста, особено во делот на заштитата од пожари. Во тие рамки, меѓу другото, се отвори и прашањето дали државните институции и јавните органи внимаваат на запазувањето на овие стандарди, дали доволно набавуваат ПП опрема, колку таа соодветно се сервисира итн. Инаку, овој процес на набавка и сервисирање на ПП апарати, хидрантска мрежа и сл. се одвива по пат на склучување договори за јавна набавка по спроведена тендерска постапка од страна на институции, училишта, градинки, болници… Она што изгледа индикативно во овој сегмент е исклучително ниската цена по која се вршат овие услуги, бидејќи тоа создава сомнеж дали, т.е. колку оваа услуга е правилно извршена. Па, се поставува прашањето што доколку избие пожар во некој јавен објект и се испостави дека ПП опремата не била доволна, а особено ако испадне дека била неисправна, како што, всушност, беше случај во кочанската дискотека, каде што немаше доволно ПП апарати, а еден од двата на располагање бил несоодветен? Да не говориме што овој објект немал ниту елаборат за заштита од пожари, план за евакуација и друга планска документација, која би го направила безбеден.
Оттука, што доколку тоа што се случи во „Пулс“ се случи во некое министерство, општина, градинка, училиште или болница, каде што има голема фреквенција на луѓе и деца? Дали овие објекти имаат доволно исправни ПП апарати и друга опрема? Односно, дали тие апарати се функционални, со оглед дека често се сервисираат според неприродно ниски цени, надвор од секоја пазарна и економска логика? Веќе на социјалните мрежи и дел од медиумите почнаа да излегуваат видеа, кои, според граѓаните што ги објавуваат, покажуваат дека ПП опрема во неколку болници низ државата недостига или не функционира. Иако дел од овие информации беа демантирани, сепак, факт е дека пред да се случи големата трагедија во Кочани, малку се обрнуваше внимание на сегментот на безбедноста генерално, но и на заштитата од пожари конкретно. Каква е ситуацијата моментално? Имено, по големиот пожар во кој загинаа 59 млади луѓе, многу институции објавија огласи за набавка и сервисирање ПП опрема. Но, проверките што ги извршивме покажуваат дека вакви тендерски постапки се спроведуваат многу години наназад во континуитет. Притоа, дојдовме до заклучок дека на овој пазар доминираат неколку компании, кои често склучуваат договори за драстично пониски цени од проценетата вредност на тендерот, па дури и дека ПП апарати се сервисирале за нула денари?!
ЗНАЧИТЕЛНО ПОНИСКИ ДОГОВОРИ ОД ПРОЦЕНЕТАТА ВРЕДНОСТ Имајќи предвид дека во последните неколку години биле склучени околу 300 договори за јавна набавка, кои се однесувале на набавка и сервисирање на противпожарна опрема, решивме да ги обработиме десетината најниски и десетината највисоки договори од овој тип. Дополнително, во нашата анализа опфативме и други договори, кои на прв поглед изгледале симптоматично по многу аспекти. За што станува збор? Во таа насока, за издвојување се договорите што за оваа потреба ги склучувало скопското Јавно претпријатие „Паркови и зеленило“. Кон крајот на 2022 година, претпријатието објавило оглас за сервисирање и набавка на ПП опрема, чија проценета вредност изнесува 400.000 денари без ДДВ. Оваа набавка била поделена на 3 дела – одржување на ПП опрема (200.000), испитување на електрична мрежа, хидрантска мрежа и црева (30.000) и опрема за гаснење пожар (170.000). Извесен период подоцна, „Паркови и зеленило“ склучило договор за првиот лот за одржување со „ПП Сервис С-9 Гоце“, во вредност од 8.260 денари со ДДВ, која е драстично пониска од проценетата вредност на овој дел од набавката – 200.000 без ДДВ. Двете страни склучиле договор и за вториот дел за испитување од 4.374 денари со ДДВ, што, исто така, е многу пониско од проценетата вредност од 30.000 денари без ДДВ. За двата договори се натпреварувале повеќе компании. И, за третиот дел бил склучен највисок договор со „Сигурност-ДП“ во износ од 148.444 денари со ДДВ, што е горе-долу близу до проценетата вредност на набавката од 170.000 денари без ДДВ. Вкупно, проценетата вредност на набавката била 472.000 денари со ДДВ, додека трите договори изнесувале вкупно 161.078 денари, при што најголемо спуштање има во првите 2 дела, кои се однесуваат токму на одржување ПП опрема и на испитување на мрежата.
Две години подоцна, скопското јавно претпријатие спровело нов ваков тендер, чија проценета вредност изнесувала 600.000 денари без ДДВ. За првиот дел за одржување на ПП опрема бил склучен договор со „ПП Сервис С-9 Гоце“ од 85.167 денари. За вториот и третиот дел за испитување на електрична и хидрантска мрежа и за опрема за гаснење пожар, пак, бил склучен договор со „Сигурност-ДП“ од 16.052, односно 292.050 денари. Сè на сè, овие договори изнесувале 393.270 денари, или двојно помалку од проценетата вредност на набавката. Кога ќе се погледне понудата на „ПП Сервис С-9 Гоце“ за лотот за одржување на ПП опрема од вкупно 85.167 денари, произлегува дека за сервисирање на 20 ПП апарати S-3, за 60 апарати S-6 и за 50 парчиња S-9 понудена е цена од 96 денари по апарат или вкупно околу 12.500. Другите средства се за полнење ПП апарати (192 денари од апарат), за атестирање (24 денари од апарат), за бојадисување (24 денари по апарат), промена на резервни делови (24 денари за млазница, дихтон, внатртешна боца, успонска цевка, монометар, капа затворач)… СЕРВИСИРАЊЕ, БОЈАДИСУВАЊЕ, САНАЦИЈА… Во контекст на тоа дека се склучуваат договори за сервисирање на ПП апарати во вредност далеку пониска од проценетата вредност на тендерите, а тоа претставува основа и за поништување на постапката, треба да се споменат 2 договори што ги склучил ЈЗУ Здравствен дом Ресен со веќе споменатата компанија „Сигурност-ДП“. Едниот е склучен во 2022 година, кога впрочем двете страни склучиле договор од 13.826 денари, иако проценетата вредност на набавката била 354.000 денари. Договорот се однесувал за сите 8 дела, кои предвидуваат комплетен сервис на 6 ПП апарати и испитување и ставање во функција на хидранти и хидрантски црева. Ако се направи увид во договорот меѓу двете страни, произлегува дека сервисот на 6 ПП апарати поединечно чинел 539, 1.226, 213, 698, 1.645 и 3.000 денари без ДДВ. Потоа, испитувањето на хидранти и ставање во функција чинело 2.052, а испитување на хидрантски црева чинело 2.304 денари без ДДВ.
Во следната 2023 година, Здравствен дом Ресен повторно објави оглас за услуги за одржување ПП опрема, громобранска инсталација и заземјување, со проценета вредност од 354.000 денари. Овојпат, набавката била поделена на 12 дела за сервисирање апарати, а за сите лота, кои се однесуваа на испитување на хидрантска мрежа, на отпорот на заштитно и работно заземјување, како и за мерење громобранска инсталација, бил склучен договор „Сигурност-ДП“ од 35.566 денари со ДДВ. Понатаму, со истата компанија – „Сигурност-ДП“, во 2022 година, договор склучил и Фонд за здравствено осигурување, кој се однесувал за одржување и набавки на нови ПП апарати. Проценетата вредност на набавката била 236.000 денари, додека вредноста на склучениот договор изнесувала 59.000 денари. Според техничката спецификација, се работи за одржување на постојните 173 ПП апарати и набавка на 10 нови, плус мерења. „Сервисирањето и одржувањето на ПП апарати опфаќа комплетен преглед на општата состојба на апаратот од аспект на корозија и оштететување, односно редовен сервисен преглед, атест бојадисување, како и санација на оштетени делови и замена на неисправни делови (дихтон, капа затворач, вентил, манометар, црево, млазница) со оригинални делови соодветни на типот на апарат, како и полнење на апаратот, промена на контролен картон…“, стои во техничката спецификација. Уште еден таков низок договор, далеку понизок од проценетата вредност, е оној на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, кој лани склучи 6 договори со „Сигурност-ДП и со уште една фирма – „Хелиум Нова Сервис“, за сервисен преглед и резервни делови на ПП апарати и други обврски околу хидранти и противпожарни системи. Вкупната вредност на договорите била 40.957 денари, а проценетата вредност на набавката изнесувала цели 472.000 денари.
ПРЕГЛЕД НА ПП АПАРАТ ЗА НУЛА ДЕНАРИ?! Со истите 2 компании, на почетокот на годинава, 3 договори склучи и прилепската градинка „Наша иднина“, чија вкупна вредност е 189.484 денари, додека проценетата вредност на тендерот била 519.200 денари. Патем, понудата на „Хелиум Нова Сервис“ открива дека по 50 денари од парче чини контролно испитување на ПП апарат, а по 5 денари чини испитување на рачен апарат, зависно од видовите (без ДДВ). Патем речено, „Хелиум Нова Сервис“ го добила овој дел или лот од тендерот со најниска понуда од 24.780 денари, а највисоката понуда била речиси 3 пати повисока, односно изнесувала 60.125 денари. Што се однесува до вториот дел/лот, истата компанија го добила со понуда од 2.800 денари, а највисоката понуда била дури 96.000 денари. Третиот лот, пак, завршил кај „Сигурност-ДП“ со понуда од 133.000 денари, но тука немало конкуренција. Една од скопските градинки – „Весели цветови“, пак, годинава склучила договор друштвото „Хелиум Нова Сервис“ за сервисирање ПП апарати, испитување громобранска инсталација и хидранти во вредност од 5.889 денари. Исто како и во претходниот случај, и овде проценетата вредност на набавката изнесувала многу повеќе, или конкретно 141.600 денари. Колку за информација, избраниот економски оператор понудил цена од 80 денари од парче за сервисирање. Во прилог на тезата за ниските цени за сервисирање на ПП опрема оди и договорот што лани го склучи Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје со „Сигурност-ДП“ за сервисирање, полнење и атестирање на ПП апарати, мерење и одржување на громобранска и хидрантска инсталација и обука на вработени со ПП апарати, кој изнесува 5.898 денари, додека проценетата вредност била дури 483.800 денари. Конкретно, сервисирањето било 13 денари, 17 денари или 23 денари од парче, зависи од видот на апаратот, а испитувањето 20, односно 306 денари. Дополнително, слични цени се постигнати и во тендерската постапка што во 2023 годија ја спровела Општина Ѓорче Петров, во чии рамки општината склучила договор со „Хелиум Нова Сервис“ за сервисирање ПП апарати во износ од 5.900 денари (проценетата вредност била 118.000 денари). Детално, сервисирањето чинело 99 денари или 70 денари по апарат, а полнењето 4, 23, 35 или 40 денари по апарат. Арно ама, ако овие цени изгледаат ниски, тогаш успеавме да пронајдеме случај каде што сервисирањето еден апарат, чинело, ни повеќе ни помалку, туку нула денари?!
Се работи за тендер во чии рамки Агенција за разузнавање лани склучила договори со „Хелиум“ и со „Сигурност-ДП“ за одржување и сервисирање на ПП апарати од 14.868 денари, односно 2.537 денари, или вкупно 17.405 денари, а проценетата вредност на набавката е 141.600 денари. Ептен боде очи фактот што АР и „Сигурност-ДП“ склучиле договор, кој за сервисен преглед на ПП апарати и други прегледи предвидува нула денари?! Што се однесува до полнење на ПП апаратите, во тие ставки цената е 86 денари или повеќе, а за набавка на 2 апарати договорена е цена од околу 10 илјади денари. БОРБА ПРЕКУ ЖАЛБЕНИ ПОСТАПКИ Врз основа на неведените примери, може да се види дека на тендерите за сервисирање ПП апарати доминира компанијата „Сигурност-ДП“, која дел од овие тендери ги добила со исклучително ниски цени за сервисирање, кои во најмалку во еден случај изнесувале и нула денари. Освен дузина пониски договори, оваа скопска компанија склучила и високи договори за јавна набавка, но и тие се карактеризираат со исклучително ниски цени во поединечни ставки. Така, меѓу највисоките, ако не и највисок договор во овој сегмент е оној меѓу Јавна установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени и „Сигурност-ДП“, склучен во 2023 година за сервис на ПП апарати, систем за дојава на пожар и видеонадзор во износ од 5.074.000 денари. Сепак, и овој договор содржи багателни цени. Во делот на редовно годишно сервисирање се предвидува 0,28 денари по парче, освен за С9 или еквивалентен, кој, пак, е 1.120 денари, а во делот на редовно годишно одржување во системите за дојава доминира цената од 0,90 денари на месечно ниво. Во некои тендерски постапки, оваа компанија водела борба и преку жалбени постапки со конкуренти, како што е случајот со тендерот на ЈП за железничка инфраструктура Железници, кое во 2023 година склучи т.н. рамковна спогодба со „Рени Инженеринг“ за сервис, полнење и контролно испитување на ПП опрема од 759.920 денари (во рамки на спогодбата, биле склучени договори во вредност од 512.917 денари). За вториот лот за противпожарни средства и опрема била склучена спогодба со „Сигурност-ДП“, која била многу пониска и изнесувала 66.080 денари.
Очигледно, оваа компанија била незадоволна што не го добила и повредниот дел од договорот, па поднела жалба до второстепената Комисија за жалби по јавни набавки. Главно, „Сигурност-ДП“ сметал дека договорниот орган не ја утврдил фактичката состојба во целост, бидејќи понудата на „Рени Инженеринг“ не била комплетна, од причина што недостигал доказ за товарно моторно возило. Сепак, договорниот орган возвратил дека таков доказ воопшто не бил баран со тендерската документација, па Комисијата ја отфрлила жалбата. Згора на тоа, ЈП „Железници“ спровело тендер за истата набавка и лани, кога објави оглас за сервис, полнење и контролно испитување на ПП опрема, со проценета вредност од 767.000 денари, а договор бил склучен со „ПП Сервис С-9 Гоце“ од 356.832 денари. Имало повеќе понудувачи, меѓу кои и „Рени Инженеринг“, која го доби претходниот тендер. Овојпат, токму оваа компанија поднела жалба до второстепената комисија, но таа била одбиена како неоснована. За разлика од негативниот епилог на овие жалбени постапки, поинаква разврска има постапката покрената поради тендер, кој лани го спроведе Општина Битола, која склучува договори со „Сигурност-ДП“ за млазница од 3.304 денари и за спојки од 9.853 денари. За третиот дел од набавката, кој се однесува за професионални ПП црева, пак, постапката била поништена поради „битни пропусти“ во тендерската документација, а како дополнителна причина е наведена „промена на спецификацијата“. Што се случува потоа? ЗОШТО ПАДНАЛА ТЕНДЕРСКА ПОСТАПКА? Подоцна во текот на 2024 година, Општина Битола објави оглас за набавка на ПП опема, во чии рамки на почетокот на оваа 2025 година склучи договор со друштвото „Антиплан“ од 169.164 денари, колку што била и проценетата вредност на набавката. Оваа следува откако првично била избрана понудата на „Сигурност-ДП“, меѓутоа „Антиплан“ поднела жалба до второстепената Комисија за жалби по јавни набавки, која била прифатена.
Во жалбата, жалителот „Антиплан“ навел дека договорниот орган не ги почитувал критериумите во техничката спецификација, кои налагале бојата на цревото да биде сигнална со висока видливост неон жолта или неон портокалова, а избраниот понудувач, како поткрепа на својата техничка понуда, имал доставено 3 документи за 2 различни производи, каде што никаде не било наведено дека се нуди производ во сигнална боја. Во два од овие три документи, според жалителот, сликовито биле претставени црева во црвена и во бела боја, а не и црево во сигнална боја. „Во документите, избраниот понудувач имал наведено дека нуди црева во сигнална боја, но тоа го немало поткрепено со сертификати и друга документација, бидејќи според членот 5.4 Табела 4 од бараниот стандард DIN 14811 за секоја боја имало посебна ознака и потребни биле посебни сертификати за различни бои од ист тип и димензија на црево. Во прилог на понудата избраниот понудувач немал понудено ниту еден валиден сертификат“, навел „Антиплан“. Според оваа компанија, очигледно било дека избраниот понудувач „Сигурност-ДП“ користел документација со невистинита содржина и со лажни тврдења, што, според нив, било кривично казниво. Наспроти тоа, договорниот орган тведел наводите на жалителот не се точни, бидејќи од избраниот понудувач уредно бил доставен каталог од производителот на опремата, каде што јасно бил наведен применетиот стандард DIN 14811 Class, EN 15450.
„Јасно биле наведени типовите на цревата за кои се доставени, 2 и 3 цола, односно 52 и 75 мм, работниот притисок на пукање и други технички карактеристики и податоци. Наведена била специјална опција за индивидуално обележување, каде што како пример во каталогот била наведена црвената боја, белата боја со црвени линии или друга опција на барање на купувачот. Доставена била и декларација од производителот…“, одговорил договорниот орган, додавајќи дека жалителот злоупотребил печатна грешка во печатениот опис на производот во понудата. Сепак, Државната комисија утврдила дека жалбата е основана, со образложение дека договорниот орган бил должен евалуцијата на пристигнатите понуди да ја изврши согласно барањата што самиот ги поставил во техничката спецификација, односно за професионални ПП црева да е доставен сертификат издаден од овластена институција со тестен број согласно стандардот DIN 14811, а за истото понудувачите биле должни да достават соодветен доказ. Потоа, во новата постапка бил склучен договор со „Антиплан“… САМО КАРТОНЧЕТО Е ПОСКАПО ОД ЕДЕН ДЕНАР Покрај овие, има и безброј други тендери во чии рамки се склучени договори што предвидуваат сервисирање на ПП апарати и други услуги за минимални цени, против секоја пазарна логика. За овој „феномен“ говореше и Марија Кукуновска, која дејствува и работи во секторот за здравје и безбедност при работа. Во гостување на ТВ 24, таа рече дека нејзината и уште неколку компании одбиваат да учествуваат на овие постапки, бидејќи веќе десетина години наназад се спушта ниво на фелата на најниско ниво. –Кај државните институции, делот на сервисирање на ПП апарати оди преку тендерска набавка. Тука се случува еден феномен, зашто само така може да се нарече. Се случува да се добие тендер и да се сервисираат апарати за 0,25 денари, за 0,70 денари, и системи за детекција од пожар. Тоа е согласно законот, нели најниска цена е допустливо…
И ние се прашуваме како изгледа тоа, јас водам приватна компанија и ги знам трошоците. За еден денар ние не можеме да го набавиме ниту картончето, а камоли да платиме дневница, зашто, согласно законот, ПП апаратите треба да се земат во сервис и се оставаат заменски ПП апарати. Треба да се отвори, ако треба да се полни ќе се полни, но мора да се отвори апаратот. Затоа го нареков феномен. Зборуваме за државни институции, болници, училишта, градинки, институции од секаков карактер, и тоа е нешто што се случува најмалку 10 години. Јас и многу мои колеги не учествуваме на тие јавни набавки, зашто тие што тоа го прават, тоа се, пред сè, 2 компании, како да речам, ја спуштаме нашате фела и нашата вредност на најниско ниво. Што можеме да направиме за 0 запирка нешто денари? Од тука би почнала со државните институции. Тука има еден парадокс. Нели ги поседуваат тие потврди за извршен сервис, уредно карточне и се тоа, но не знам како тоа е направено, и треба да се провери. Нема никаква логика… Добро би било да се размисли да се направи едно усогласување на цените на сервисните услуги, каде што ние би биле испочитувани како фела и да може сами да не се деградираме. Сега има сервисирање и за 40 и за 50 денари и се отвора прашањето колку е тоа направено правилно и дали по сервисот, тој ПП апарат е во исправна состојба – рече Кукуновска. „Фокус“ се обрати до „Сигурност-ДП“ и до другите споменати компании, меѓутоа до затворањето на овој број на весникот не добивме одговор на прашањето што точно опфаќа процесот на сервисирање и контрола на ПП апарати, односно какви обврски имаат и која е економската логика и смисла да испочаруваат ваква услуга за исклучително ниска цена? Ниту од Дирекцијата за заштита и спасување не добивме одговор на прашањето дали вршат проверка како ангажираните компании вршат сервис на ПП апаратите, како и колку оваа ПП опрема е исправна и функционална?Марија Кукуновска
СЕ СЕРВИСИРААТ И ПП АПАРАТИ СТАРИ 20 ГОДИНИ, А ТРЕБА ДА БИДАТ ИСФРЛЕНИ ОД УПОТРЕБА!Во изјава за „Фокус“, Марија Кукуновска вели дека кај нас најзастапени типови на ПП апарати се С-9 и Цо2-5, а реален пазарен трошок на ПП апарати е 600 денари за сервис за еден ПП апарат тип С-9 доколку, како што вели, се сервисира според пропишаните законски регулативи за извршување. -Цена на едно картонче за ПП апарат е 1-2 денари во зависност од количеството. Исто така, според пропишаните законски нормативи, ПП апарати постари од 20 години треба да се исфрлат надвор од употреба, а истите на тие тендерски постапки се сервисираат – вели Кукуновска. Таа посочува дека надлежна за контрола на работата на компаниите што вршат сервисни услуги е Дирекцијата за заштита и спасување, како институција од каде што истите компании добиваат овластување за работа и, исто така, лицата што вршат сервис на ПП апарати добиваат овластувања и полагаат стручен испит. –За една фирма да извршува дејност заштита од пожари, потребно е да има овластувања за работа од институција. Според тоа, вината е поделена на оние што ја извршуваат услугата и оние што треба да ја контролираат работата на извршената услуга – вели Кукуновска на прашањето дали ако во некоја институција има несреќа како во Кочани, виновна ќе биде само фирмата или ќе се лоцира и институционална вина? Според неа, треба да има унифицирање на цените за сервис, според типот на ПП апарати (килограми и агенси за гаснење). Како што истакнува, проблемот е системски и повлекува многу институции, кои би требало да се вклучат во решавање на истото сè до поставување здрави, логички и реални критериуми.