Чешката воена индустрија доживува вистинска експанзија. Со стагнирањето на производството на автомобили, оружјето станува новата движечка сила на чешката економија – нешто што некои го следат со загриженост. Во текот на изминатите триесет години, Чешката Република стана земја со најголемо производство на автомобили по глава на жител во светот. Само во 2024 година, во земјата со околу десет милиони жители се произведени повеќе од 1,4 милиони возила – речиси четири проценти повеќе од претходната година. Сепак, во првиот квартал од 2025 година е забележано намалување од 7,1 процент, првенствено поради помалата побарувачка во Западна Европа. Причините се бројни – од предизвиците во автомобилската индустрија, до бавниот премин кон електрични автомобили, па сè до американските царини- пишува Н1.рс. Додека автомобилската индустрија доживува пад, воената индустрија во Чешка доживува силен раст. Во текот на последните три години, фабриките за оружје ги проширија своите производствени капацитети и остварија значителен профит, пишува Дојче веле. Според Алеш Род од Центарот за економска и пазарна анализа, уделот на воената индустрија во чешката економија – кој сега изнесува околу еден процент од БДП – би можел да се зголеми неколку пати во наредните години.
„Го гледаме потенцијалот. Побарувачката ќе расте во следните десет, па дури и 15 години. Складиштата се празни – она што го произведуваме се испорачува веднаш“, изјави Род за Чешкото радио. Слично размислува и Дануше Нерудова, поранешен ректор на Универзитетот Мендел во Брно и член на Комитетот за буџет на Европскиот парламент.
„Одбранбената индустрија може да стане нов мотор на чешката и европската економија. Може да апсорбира вишок капацитет и работна сила од автомобилската индустрија, да го стимулира растот и да ја зајакне безбедноста“, изјави таа за ДВ. Економистот Петр Захрадник, советник на Европскиот економски и социјален комитет, е поскептичен: „Вистина е дека воената индустрија сега доживува бум. Капацитетите се шират, чешките компании инвестираат во најнапредните региони во светот. Но, не верувам дека оружјето некогаш ќе ги замени автомобилите како столб на чешката економија. И, искрено, не би сакал военото производство да го замени цивилното производство.“ Територијата на денешна Чешка Република беше центар на военото производство дури и пред Првата светска војна. Во меѓувоениот период и подоцна, Чехословачка беше еден од водечките светски извозници на оружје – извозот сочинуваше до десет проценти од вкупната трговија. Помеѓу 1958 и 1989 година, беа произведени десет илјади борбени и авиони за обука. Во тоа време, чехословачкото оружје беше меѓу најценетите во Источниот блок. Огромната домашна побарувачка произлезе од фактот дека земјата имаше огромна армија и издвојуваше до 20 проценти од својот буџет за одбрана.
Падот на Варшавскиот пакт и разоружувањето во 1990-тите силно ја погодија индустријата. Последниот голем извозен договор беше договор за испорака на 250 тенкови во Сирија во 1991 година. По поделбата на Чехословачка во 1992 година, производството на тенкови остана во Словачка, додека лесното оружје остана во Чешка. Приватизациите, намалувањата на буџетот за одбрана, професионализацијата на армијата и намалувањето на бројот на војници на 20.000 дополнително го ослабнаа секторот. По руската инвазија на Украина во 2022 година, чешката воена индустрија доживеа преродба. Производството во многу компании се зголеми многукратно – особено муниција, тенкови, оклопни возила, хаубици, беспилотни летала и радарски системи. Производителот на авиони „Аеро“ разви нов модел за борба и обука „Скајфокс“, кој ќе се користи за обука на украински пилоти на авиони Ф-16. Околу 40 проценти од производството оди во Украина, додека вкупно 90 проценти се извезува. Во исто време, расте и домашната побарувачка – минатата година, чешкиот воен буџет за прв пат надмина два проценти од БДП, а беше објавено дека ќе достигне три проценти.Компаниите вработуваат сè повеќе работници. Групацијата STV планира годинава да го зголеми производството на артилериска муниција за трипати – од 100.000 на 300.000 парчиња – и да вработи уште 1.000 луѓе. PBS Group ќе го удвои производството на ракетни и беспилотни мотори. Најголемиот воен конгломерат, веќе вработува 14.000 луѓе. За споредба, најголемиот производител на автомобили, Škoda Auto (во сопственост на Volkswagen) вработува 20.000 работници во својата главна фабрика.