Министерот за транспорт, Александар Николоски, на вечерашното гостување во Сител соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада. -Апсолутно ова беше процес кој траеше повеќе месеци, би рекол и години, еве ќе кажам прв пат во јавност, ние уште кога бевме опозиција, иницијални контакти почнавме на оваа тема, така што воопшто работата не е случајна и воопшто работата не е нешто што се случило преку ноќ.
Според него, освен економскиот многу важен е и политичкиот дел.
-Сојузник како Велика Британија, Македонија за жал во минатото немала, а големите битки на светската сцена се добиваат со големи сојузници. Ние не можеме да се натпреваруваме и со соседите и пошироко, без големи сојузници. Ние не можеме да се бориме за човековите права на Македонците, без големи сојузници. Ние не можеме да очекуваме нашиот глас биде слушнат без големи сојузници, а мислам дека после стратешкиот договор кој што го имаме со САД, овој е втор од таков тип и многу кажува за позиционирањето на Македонија – вели тој. Николоски додаде дека Коридорот 8 и Коридорот 10 треба паметно да се искористат.
-Транспорт и здравство се најважни сегменти на овој договор Влада со Влада. Имаме неограничена временска рамка за користење на овие расположливи средства. Во мометнот имаме спремни два проекти кои се околу 2,2 милијарди евра. И тоа се првите проекти со кои ќе стартуваме. Брза железница на коридорот 10 е едниот проект и ќе се користи постојната рута. Вториот проект е изградба на Клиничка болница во Штип – рече тој. Николоски оцени дека ова партнерство значи инвестиции во транспортот, здравството, образованието, одбраната, нови работни места и силна економија и стратешка позиционираност на Македонија.