Францускиот министер за правда, Жералд Дарманен, објави дека неговата земја ќе изгради затвор со максимална безбедност на својата прекуокеанска територија, Француска Гвајана. Затворот ќе може да прими 500 осуденици, објави „Ле Монд“. Според Дарманен, најопасните криминалци, вклучувајќи ги водачите на нарко-картелите и радикалните исламисти, ќе бидат изолирани во тој објект. „Одлучив да го основам третиот француски затвор со висок степен на безбедност во Гвајана. Исклучително строг затворски режим и една цел – да се засолнат најопасните трговци со дрога“, рече францускиот министер за правда.
Дарманен, кој ја направи борбата против трговијата со дрога свој приоритет, се надева дека овој затвор „ќе послужи за трајно отстранување на шефовите на мрежата за трговија со дрога“ до степен до кој „тие повеќе нема да можат да имаат никаков контакт со нивните криминални мрежи“ , објавува парискиот дневен весник. „Мојата стратегија е едноставна – да се удри по организираниот криминал на сите нивоа. Тука, на почетокот на рутата на дрогата. Во континентална Франција, со неутрализирање на главите на мрежата. Сè до потрошувачот. Овој затвор ќе биде клучен во војната против трговијата со дрога“, рече Дарманен.
Тој во јануари објави дека планира да изолира „сто од најголемите трговци со дрога“ во „затвор со висок степен на безбедност“ претходно испразнет од затвореници до летото за да ги спречи да продолжат со своите криминални активности од своите ќелии. Француска Гвајана, прекуокеанска територија на северниот брег на Јужна Америка што граничи со Бразил и Суринам, имаше рекорден број убиства во 2023 година, со 20,6 смртни случаи на 100.000 жители, додека националниот просек на Франција беше 1,5 на 100.000 жители. Затворот е предвидено да се отвори во 2028 година во градот Сен Лоран де Марони.