Основачот на Телеграм, Павел Дуров, ја обвини Франција, без директно да ја именува, дека се обидува да се меша во претседателските избори во Романија, бидејќи се обидела да отстрани одредени „конзервативни“ пораки, тврдење што француската влада жестоко го негираше. Во порака објавена на апликацијата, Дуров, Русин кој стана француски државјанин во 2021 година, ја обвини „западноевропската влада“ за мешањето, пишувајќи „погодете која“ и објавувајќи слика од багет.
Дуров рече дека владата „се обратила до Телеграм, барајќи да се замолчат конзервативните гласови во Романија пред почетокот на вториот круг од претседателските избори“. „Цврсто одбив. Телеграм нема да ги ограничи слободите на романските корисници, ниту ќе ги блокира нивните политички канали“, рече Дуров, кој е под истрага во Франција од август за низа кривични дела поврзани со организиран криминал. Француското Министерство за надворешни работи реагираше и ги осуди „целосно неоснованите обвинувања“. „Франција категорично ги отфрла овие обвинувања и ги повикува сите да дејствуваат одговорно и да ја почитуваат романската демократија“, се вели во соопштението.