Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, на прашање од граѓаните на Македонски Брод, ја потенцираше јасната и принципиелна позиција на движењето во однос на прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија. „Ние немаме ништо против ниту еден народ, вклучително и Бугарите. Не сме против нивното уставно спомнување, но бараме цврста гаранција дека тоа ќе биде последното барање од нашите соседи на патот кон Европската Унија,“ – рече тој. Тој истакна дека протоколите кои претходната Влада ги потпиша со
Бугарија содржат сериозни замки кои директно го допираат националното достоинство и историската вистина за македонскиот народ.
„За нас е неприфатливо Гоце Делчев да биде прикажан како Бугарин. За нас е неприфатливо да се прифати дека македонскиот народ постои од 1945 година, и уште помалку да се нарекува бугарскиот фашистички окупатор администратор.“ – додаде генералниот секретар. Тој потсети дека Македонија веќе направила огромни отстапки на европскиот пат – со промена на името, знамето и уставни измени – и порача дека македонскиот народ нема да дозволи самопоништување и
историски ревизионизам. „Доста е! Ние сакаме европска иднина, но не по цена на нашата историја,
идентитет и јазик. “ – заклучи тој. Движењето ЗНАМ останува посветено на заштитата на националниот интерес, достоинството на македонскиот народ и на евроинтегративниот процес, кој
мора да биде базиран на реципроцитет, заемно почитување и фер однос.