На 1 Мај, наместо на марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) протестираше, а причини за големиот протест беа најниските плати во регионот, кои не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори додека владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и сите други плати за најмалку 100 евра. Во интервју за „Фокус“, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, а не од политика и масовно да излезат да го искажат незадоволството. Разговараше: Орце КОСТОВ ФОКУС: Ги повикавте сите синдикати, наместо на скара, да излезат на протест. Колкава бројка очекувате?
ТРЕНДАФИЛОВ: Очекуваме сите оние што му мислат добро на работникот, да излезат заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на протестот на 1 Мај, кој ќе почне точно во 11 часот пред Работничкиот дом. Ќе бидеме и пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата за да ги упатиме пораките на работниците. А тоа се: минималната плата да биде најмалку 500 евра, а сите други да се покачат. Луѓето што го поддржуваат ССМ, ќе дојдат, но очекуваме и сите оние луѓе што сметаат дека платите им се ниски, што сметаат дека работодавачите ги омаловажуваат, дека не ги ценат доволно нивните работни места, да се придружат од една причина: денеска е време кога нѐ бројат и нѐ пребројуваат, не само за репрезентативноста, туку и колку луѓе ќе излеземе на протест. Ветивме дека ќе излеземе 300 луѓе, членови на органите и телата на ССМ, три недели пред почетокот на мајскиот протест. Излеговме колку што ветивме, меѓутоа политичките партии веднаш почнаа да калкулираат дека таа бројка била недоволна и дека требало да има повеќе луѓе.
Меѓутоа, тоа беше во работен ден, со симболична порака дека не е веќе пет до 12, туку 12 и 5, односно платите требаше да се зголемат вчера, а денеска и утре е навистина доцна. Колку ќе дојдеме, толку ќе добиеме. Колку ќе бидеме, толку ќе бидеме доволно да испратиме порака на владата, на собранието и на работодавачите во приватниот сектор, имајќи предвид дека најголемиот број од работниците работат во приватниот сектор и плаќаат даноци и придонеси кон државата. Да не заборавиме дека владата е најголемиот работодавач во Македонија, имајќи предвид дека 128.000 работници има во јавниот сектор, а таа за повеќе од половина е директен работодавач. ФОКУС: Очекувате да се смени првомајската традиција и конечно да ги следиме трендовите во Европа, каде што работниците излегуваат масовно да испратат цврсти барања на 1 мај?
ТРЕНДАФИЛОВ: Од 2018 година, ССМ ја напушти традицијата на своите претходници, кога се одбележуваше со гравче во паркот, со ќебапи на седници на совет, со организирање конференции и почна да излегува на улица. Од тогаш до 2024 година, секој 1 Мај сме биле меѓу 3.000 и 7.000 луѓе, во зависност од годините. Оваа година е различно тоа што веќе цела година ниту работодавачите, ниту владата не сакаат да го слушнат гласот на работниците и да ја зголемат минималната плата. Мора да истакнам дека во регионот, со одлука на владата, се зголемуваше минималната плата. Во Србија се зголеми на 457 евра, во Црна Гора на 600 евра за основно и средно образование, на 800 евра за високо образование. Во БиХ тоа, исто така, се зголеми на 600 евра. Да не ги спомнуваме земјите, како Словенија, Австрија, Швајцарија и Хрватска, каде што нашите граѓани одат да заработат. Затоа мислиме дека денеска е времето кога треба да се промени традицијата.
ФОКУС: Значи, наместо на скара, на улица?
ТРЕНДАФИЛОВ: За жал, во минатото, работниците често ги критикуваа синдикатите, можеби оправдано и ССМ, но покажавме дека не потклекнуваме под ниту едно барање на работодавачите. Традицијата треба да се смени, да покажеме дека работникот е освестен и дека знае како да го покаже тоа. Колегите од културата рекоа „ако не сакате да нѐ слушнете на маса, ќе нѐ слушнете од улица“. Први мај е денот кога треба да бидеме најгласни и да нѐ слушнат оние што треба да ги зголемат платите.
ФОКУС: Според владата, нов животен стандард на граѓаните ќе биде оскудното покачување од 1.812 денари нето или 2.685 денари бруто, колку што ќе ги чини работодавачите. Со тоа покачување, минималната плата ќе биде 24.400 денари, што ќе покрие оваа сума од синдикалната минимална кошничка?
ТРЕНДАФИЛОВ: Во минатото зборувавме дека вредноста на синдикалната минимална кошничка е основниот параметар за зголемување на платите, вклучително и донесување на Законот за минималната плата и зголемување на сите други плати. Во никој случај не можевме да се согласиме само со законското усогласување на минималната плата, кое предвидува 50 проценти од трошоците за живот и 50 проценти од порастот на просечната плата, како законско усогласување на минималната плата. Можеби 1.800 денари усогласување ќе беше доволно во 2015 година, но во 2025 година и тоа како не е доволно од неколку причини.
Пред неколку дена, работодавачите пред медиумите рекоа дека им избегале висококвалификуваните работници и дека Македонија станува земја со нискоквалификувани работници и немаат потребен кадар за пополнување на работните места за извршување на основната дејност. Најголеми виновници за оваа состојба се токму работодавачите, кои пред 10-15 години им велеа на работниците „ако ви се работи за 8.000 денари, работете, ако не имаме со лопата да ве ринеме во Агенцијата за вработување“. Сега имаме со лопата работодавачи, кои ние, работниците можеме да ги ринеме, а кои не можат да најдат работници.
ФОКУС: Значи улогите се сменија?
ТРЕНДАФИЛОВ: Се смени соодносот на силите, на штета на работодавачите. Денеска тие плаќаат, но и така не може да најдат работници и мислат дека со увоз на странска работна сила од Непал, Пакистан и од Бангладеш ќе ги пополнат овие позиции што се испразнети. Тоа се покажа како негативен пример на европско ниво, каде што Македонија стана туристичка агенција, им плаќаше превоз на овие работници и потоа ги пушташе да одат кон Европа. Никому не му е целта да работи за 400 евра и да живее и да врати назад пари во својата земја.
Затоа лани побаравмe 450 евра плата отприлика што во регионот беше тука некаде. Црна Гора беше со минимална плата од 450 евра, а другите тука некаде. Знаевме дека до 1 јануари речиси во сите земји од опкружувањето минималната плата ќе биде зголемена од 450 евра нагоре. Затоа и по летните одмори и работодавачите, за волја на вистината, почнаа да бараат 500 евра минималец во страв да не останат без работници. Барањето денеска е 500 евра, меѓутоа денеска е 500 евра, утре можеби ќе биде малку.
Доколку не нѐ слушнат на 1 Мај, оние што денеска велат дека ќе остават синдикатите да се договорат со работодавачите и се изземаат од одговорност, работодавачите што велат владата ги напаѓа синдикатите, ние нема да седнеме со нив да преговараме затоа што не се репрезентативни, ќе бидат најголеми виновници кога во летниот период работниците ќе ни заминат на плажите во Црна Гора и Хрватска, ќе заминат во градилиштата во Србија, БиХ и во Словенија, кога ќе се намали бројот на работоспособно население во Македонија. Е, тогаш ние ќе се изземеме од одговорноста. Затоа подаваме рака, сметаме дека на маса треба да ги разберат потребите на работниците, затоа што ние како ССМ не одлучуваме сами.
ВЛАДАТА НЕ НАПАДНА СО ТЕШКА АРТИЛЕРИЈА
ФОКУС: Што се смени кај работодавачите, тие многу години растот на минималната плата го врзуваа со растот на продуктивноста, сега сакаат да зголемат за 100 евра, но разликата за придонеси да им ја покрие владата?
ТРЕНДАФИЛОВ: Тие сфатија дека им недостасуваат работници и дека тие се едни од причинителите за оваа состојба во Македонија. Тие не треба да чекаат да се смени Законот за минималната плата. Ние имаме добри примери, секаде каде што сме добро организирани во приватниот сектор, некаде околу 70 отсто од работодавачите, каде што сме синдикално организирани, не ја чекаа мартовската плата да се зголеми со минималната плата, туку за 10-15 отсто почнаа да ги зголемуваат платите од јануари, знаејќи дека треба да ги задржат добрите работници во Македонија. Но, дел од нив знаат да критикуваат дека минималната плата, доколку се зголемува вештачки и доколку не се остави пазарот да ја регулира платата, ќе се случи колапс на компаниите. Но, податоците од државните институции покажуваат дека секоја година во Македонија наназад 10 години, толку работодавачи колку што затвораат во тековната година, толку работодавачи отвораат нови бизниси. Тоа значи дека ги избегнуваат обврските и продолжуваат да работат.
ФОКУС: За нив, сепак, нема „зима“?
ТРЕНДАФИЛОВ: Се зборува на долго и на широко за продуктивноста што ние ја мериме поразлично од нив. Работниците им мерат колку станови им купиле, колку џипови, а не врз основа на податоците што работодавачите ги штелуваат со завршните сметки. Затоа можеби тие се освестија дека финтата со немање продуктивни работници во Македонија не минува повеќе затоа што нема воопшто работници. Веројатно и тие се загрижени за своите бизниси и еве охрабрува тоа што пред една недела членки на СКМ од Охрид истакнаа дека 500 евра е нешто што е неопходно. Стопанската комора на северозападна Македонија тоа го зборува веќе половина година. Работодавачите сфаќаат дека платите во Македонија се мизерни и дека не можат да ги задржат работниците со 24.400. Она што нас како ССМ нѐ загрижува се фрапантните податоци од независните институции од невладиниот сектор поддржани од меѓународните организации на трудот, според кои, на годишно ниво во Македонија близу 250 милиони евра не се плаќаат по основа на задолжително социјално и пензиско осигурување, а се даваат плати во плик. Тоа е огромна сума на пари, која не се слева во буџетот и која на ваков начин ќе успееме да ја сузбиеме ако се зголеми минималната плата и притоа се зголемат сите други плати на кои работодавачите ќе имаат обврска да плаќаат придонеси.
ФОКУС: На последната прес-конференција рековте дека сите се против ССМ вклучително и владата, работодавачите и другите синдикати затоа што барате зголемување на минималната плата и достоинствени услови за работа. Зар не е малку чудно што другите синдикати се против зголемување на платата, тие работници се задоволни од минималецот или тука се работи за политика?
ТРЕНДАФИЛОВ: Мене ме загрижува тоа што имаме синдикалци, а зборуваме година наназад дека само синдикалец може да ги изигра работниците, кои прифаќаат пониско зголемување на платите од она што е утврдено, имаме синдикалци што се задоволни со минималната плата и 1.800 денари и имаме синдикалци што ја поддржуваат владата да се укинат одредени колективни договори за работниците да загубат одредени поволности од нив. И затоа велиме дека сите се против ССМ затоа што ние бараме само плата. Ние, како синдикат, сметаме дека главна задача ние да се бориме за подобар стандард, прво на сите наши членови и потоа на сите работници, успешно еве веќе осма година го правиме. Да не заборавиме во минатото одредени лидери на ССМ одржуваа влади на штета на работниците и во иднина тоа не треба да биде случај. Веројатно затоа и владата не нападна со тешка артилерија, пробаа со напади од политичка партија, нешто што е недозволиво во демократски општества. Потоа и работодавачите се изземаа од одговорноста кога видоа дека владата го напаѓа ССМ.
ПРИТИСОЦИ ОД ВИСОКИ ПОЛИТИЧКИ ПРЕТСТАВНИЦИ
ФОКУС: Значи и работодавците ја увидоа тенденцијата на владата за оцрнување?
ТРЕНДАФИЛОВ: Тие не сакаа да бидат меѓу два огна, иако и тие велеа „изборете се да се зголемат платите и на тоа одреден период да не плаќаме придонеси“, па ќе ве поддржиме. Негативниот пример што беше претставен во јавноста кон ССМ од политичките чинители направи штета на сметка на работниците. Штетата кон ССНМ беше минорна, но огромна кон работниците и затоа тие денеска го препознаваат ССМ како единствен борец за зголемување на платата. Само доколку отворат по социјалните мрежи и си ги прочитаат коментарите од работниците, тогаш ќе ја видат вистинската слика. Доколку сметаат дека ние манипулираме само поради тоа што бараме да се зголемат платите, ќе продолжиме да манипулираме. Нека ја зголемат платата и ќе престанеме да манипулираме со потребата од растот на платите. Меѓутоа не можете да манипулирате гладни стомаци и луѓе што размислуваат како да го истуркаат крајот на месецот со 24.400 денари.
ФОКУС: Премиерот Христијан Мицкоски најави дека минималната плата може да биде и повисока доколку дојде до договор меѓу работниците и работодавачите. Зошто топката се префрла постојано во вашиот двор, кога имаше некој неформален договор меѓу вас и работодавачите за плата од 31.000 денари ако владата ги замрзне придонесите? Зошто владата немаше слух за предлогот на ССМ за субвенционирање од страна на државата на придонесите?
ТРЕНДАФИЛОВ: Поучен од тоа што се случуваше во регионот, ССМ, на почетокот од оваа година, кога виде дека нема слух за зголемување на минималецот со законски измени, понуди неколку чекори за зголемување на минималната плата, кои ќе овозможат задоволство кај работниците, можност кај работодавачите да исплатат и полнење на буџетската дупка за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Прво предложивме државата да ја зголеми платата и притоа од еден џеб во друг џеб да ги плати придонесите, фактички да ги префрли средствата од една на друга сметка, имајќи предвид дека во моментов врши дотации кон ПИОМ од неколку стотици милиони евра годишно. На таков начин ќе се намалеше дотацијата затоа што дел од неа ќе беше уплаќана како придонеси во ПИОМ. Тоа наиде на сериозни критики од владата дека таа не може да си дозволи некаде околу 30 милиони евра или 360 милиони евра годишно, иако само ќе ги префрлеа од една на друга сметка. Имавме разбирање за таквиот став на владата, но не слушнавме став за вториот предлог на ССМ, а тоа е да се зголемат платите за 100 евра, со што минималната плата би стигнала до 31.000 денари. Работодавачите би биле ослободени од одреден временски период од плаќање на придонесите со закон, а потоа по истиот временски период од 6, 8 или 12 месеци, повторно ќе ги плаќаат придонесите.
ФОКУС: Зошто оваа мерка не им е прифатлива?
ТРЕНДАФИЛОВ: На таков начин, оние 250 милиони евра што сега циркулираат, а не се уплаќаат во ПИОМ, ќе бидат уплаќани на сметка на владата и овие пари би биле во буџетот по 6, 8 и 12 месеци. За жал, и оваа мерка почнаа да ја критикуваат како да не сакаат да ги приберат во буџетот и овие средства. Третата мерка беше покачување на минималната плата и на другите плати и да се плаќаат придонесите. Чекаме по овие два предлози да се произнесат, но оневозможено ни е правото да седиме на економско-социјалниот совет затоа што веќе четврти месец немаме добиено репрезентативност, која ни овозможува подеднакво право на глас со работодавачите и владата.
ФОКУС: Неодамна обвинивте за упади во синдикалните организации и за притисоци кон работниците да преминат во друг синдикат. Дали се работеше за притисоци од директори во државни компании и дали одолеаја работниците и членовите на овие упади?
ТРЕНДАФИЛОВ: ССМ ги поднесе списоците за утврдување репрезентативност и кога увидоа дека имаме бројки за да станеме повторно репрезентативни, имајќи предвид дека ниту еден друг синдикат нема поднесено барање, некаде на почетокот на јануари беа повлечени членовите на Комисијата од страна на владата. На владата ѝ беа потребни два и пол месеца да назначи нови членови на Комисијата, со што се загуби драгоцено време бидејќи минималната плата требаше да се утврди на економско-социјалниот совет во месец март и да се донесат законски измени. Минималната плата денес е утврдена не знам како и е објавена во Службен весник без мислење на советот. Сметаме дека некој свесно сакаше да го блокира процесот за да не биде дека нѐ одбиле на седница, а да не биде дека не ја зголемиле минималната плата. Од кога се формираше комисијата, некаде до половина од Сојузот на синдикатите на Македонија е преброен. Токму тогаш почнаа нападите од високи политички претставници и вршеа притисоци врз вработените од државните институции да се префрлат во други синдикати, сакајќи да нанесат штета и ССМ да не добие репрезентативност. Сметајќи дека ќе направат друг репрезентативен синдикат, кој потоа ќе прифати укинување колективни договори, 1.800 денари покачување на минималецот, ќе прифати дека нема потреба од почитување на 12,6 отсто зголемување на платите во јавниот сектор… Но, за наша среќа, работниците во Македонија се поосвестени и знаат кој се бори за нив, препознаваат дека ако не застанеме цврсто зад нив, нема да добијат поголеми плати.
НЕМА ДА ПОТКЛЕКНЕМЕ
ФОКУС: Дали тоа значи дека им пропадна обидот да ви го преполоват членството?
ТРЕНДАФИЛОВ: Многу мал број работници, пред сѐ, политички ориентирани, заминаа од синдикатите здружени во ССМ, но она што мене ме загрижува е што работниците не разбираат дека на таков начин даваат поддршка на политиките на незголемување на платите. Најголемите удари беа во јавните претпријатија, кои за волја на вистината секој месец доцнат со исплата на платите како „Национални шуми“, „Водостопанство“, некои општини, АД „Македонска пошта“… Веројатно на таков начин директорите сакаа да ги стишат работниците за да не им се бунат за тоа што прво не им се исплаќа платата и да не помислат да бараат зголемување од 12,6 отсто на нивните плати. Доколку работниците поддржуваат политика на незголемување на платите, штетата што ќе ја трпат, ќе биде на нивна одговорност. И покрај сите притисоци, да беше потребата да се откажеме од работниците, ќе се откажевме уште лани и ќе речевме добро колку ќе им дадете на работниците, толку дајте им, ние не се бориме за нив, тие ќе бидат среќни, ние ќе бидеме комотни, ќе имаме добар дијалог со владата, таа ќе биде задоволна, работодавачите ќе бидат пресреќни затоа што нема кој да бара зголемување на платите и ќе живееме во едно розово општество. Ние како ССМ, претходниот претседател, јас и се надевам идниот, покажавме и покажуваме дека нема да потклекнеме во оваа битка.
ФОКУС: Се разгорува битката со ВМРО-ДПМНЕ, односно поединци од ВМРО-ДПМНЕ со ССМ. Зошто одеднаш владејачката партија е антисиндикална, нели ве поддржуваа кога беа во опозиција? Дали можеби е тоа поради тоа што разговарате со другите партии, како Левица и СДСМ?
ТРЕНДАФИЛОВ: Се разбира дека кога ќе дојдат на власт политичките елити сакаат понизни синдикати, но кога се во опозиција, сакаат синдикати што се борат и бараат повеќе за работниците и на таков начин се надеваат дека ќе генерираат повеќе политички поени на грбот на работниците, односно на грбот на ССМ. Но, ние покажавме како ССМ дека ниту на претходната влада ѝ молчевме, ниту, пак, на оваа. Меѓутоа, сметаме дека недозволиво е да се прават политички пресметки со синдикатот. Синдикатот е социјален партнер на владата и на работодавачите. Со работодавачите може да се напаѓаме, може да си штрајкуваме и да си нанесуваме некаква штета доколку социјалниот дијалог не функционира, но политичките закани и објави не даваат резултат. Денеска и луѓето што немаа слушнато за ССМ и го сметаа за трома и стара организација на нашите баби и дедовци, па ни направија бесплатна реклама. За да го добијат тие како политичка партија, трошат огромни финансиски средства.
ФОКУС: Се обидоа и со објавата на вашата плата да ве дискредитираат?
ТРЕНДАФИЛОВ: Работниците го спознаа овој обид за дискредитирање на ССМ, несериозните објави на платите на раководството на ССМ, како вие примате плата, а се борите за зголемување плата. Па, тоа е нормално. Секој работник во Македонија заслужува плата не пониска од 500 евра и да му се зголеми доколку има над 500 евра. Политичарите не треба да имаат највисоки плати во едно општество бидејќи тие се одбрани од народот да извршуваат јавна функција при која ветиле дека ќе ги подобрат условите на граѓаните и животниот стандард. Обидувајќи се да ја свртат јавноста кон ССМ, ја свртија против себе. Кога увидоа дека не можат да го направат тоа, ги активираа синдикатите како КСС и други, да го напаѓаат ССМ, сметајќи дека со тоа ќе се одложи барањето за покачување на платите.
ФОКУС: Вкупната синдикална минимална кошничка од 57.163 денари за јануари 2024 година, се зголемила на 63.252 денари за јануари 2025 година или за 100 евра, колку што е покачувањето што го доби премиерот Мицкоски на февруарската плата и колку што отприлика барате и вие. Фер ли е ова?
ТРЕНДАФИЛОВ: Не само сега, и една претходна влада одбиваше да преговара за да добиеме зголемување, мораше да протестираме за да добиеме од 15 на 18.000 денари, да протестираме за недела неработен ден… Сфативме дека барањата треба да ги темелиме на цврсти аргументи и анализи, кои ќе покажат сериозни податоци што никој не може да ги побие. Синдикалната кошничка што ја пресметуваме од 2011 година е причина за носење закон за пресметување на минималната плата. Токму поради тоа е дополнителното зголемување на платите за 100 евра поради тоа што синдикалната кошничка за само една година се зголеми за толку пари. Кога видоа дека тоа е така, се обидоа да ја дискредитираат кошничката, дека имало сезонски, вонсезонски овошја, имало производи што некој само ги консумирал. Но, тоа што забораваат, а го знаат и не сакаат да го кажат, јас ќе ја искористам можноста да го кажам, е дека синдикалната кошничка има вредност, која е статистичка операција што следи добра и услуги во делот на храна и пијалаци на 63 производи, како и зголемувањето на цените. Тоа не значи дека македонските граѓани го јадат или го купуваат само тоа, но знаеме по тие 63 производи дали трговците применуваат нефер трговски практики и има потреба од владини мерки. Еве, владата имаше мерки, кои ја намалија синдикалната минимална кошничка во март за 1.500 денари во делот за храна и пијалаци. Во април се намали за дополнителни 350 денари. Владата денеска повторно го користи тоа како аргумент дека дури и синдикалната кошничка, каква и да е таа, покажува дека мерките дале резултат, а пред тоа кога покажуваше дека нема резултат од мерките, тогаш ја критикуваа.
БЕВМЕ ФРАПИРАНИ КОГА ВЛАДАТА НАБАВИ ЕГЗОТИЧНИ ОВОШЈА
ФОКУС: Наместо според минималната потрошувачка кошничка, каква што пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија од 2011 година, владата реши да ги крои економските политики и стандардот на граѓаните според своја просечна потрошувачка кошничка. Во неа нема да има алкохол, цигари, летување во странство и овошја што не се карактеристични за одредена сезона. Горенаведените ставки се луксуз според владата, каков е ставот на ССМ по ова прашање за просечната кошничка?
ТРЕНДАФИЛОВ: Во период кога нашата кошничка покажуваше дека мерките што се носеа месец за месец беа изигрувани од трговските нефер практики, за да го елиминираат моментот од нашето барање за зголемување на платата за 100 евра, решија да изработат своја кошничка, која ја нарекуваа просечна синдикална кошничка, иако тие не се синдикат. Потоа се обидоа да ја намалат вредноста на синдикалната минимална кошничка, кажувајќи дека производите внатре се вакви, такви, па ја нарекуваа дури и луксузна. Ако 22.000 денари е многу за храна за едно четиричлено семејство, нека пробаат нека живеат со толку. Ако 60.000 денари е многу за да си овозможите седумдневен одмор во Дојран, што е најевтина варијанта само за да кажеме дека ќе одиме на одмор и одредени добра и услуги како одржување на здравјето, електрична енергија, превоз за нашите деца, по еден хамбургер, односно 4 хамбургери во месецот, како ресторански и угостителски услуги за кои често обожаваат да кажат дека е луксуз.
ФОКУС: Згора на сѐ, владината кошничка ќе се однесува на тричлено семејство наместо на четиричлено. Како е можно тоа?
ТРЕНДАФИЛОВ: Од јавно достапните изјави сфативме дека ќе намалат една четвртина од вредноста на делот за храна и пијалаци затоа што ќе ја пресметуваат за тричлено семејство. Се надевам дека тоа се неумесни изјави на политичари, но ме загрижува што тие ќе ни кажуваат во која сезона, што треба да купуваме и да јадеме и колку треба да јадеме. Различната филозофија се двете кошнички: синдикалната, која покажува дека ниту со толку не се живее и просечна владина, која ќе покажува дека мораме да живееме со толку. Им ја ставивме на располагање нашата експертиза тука во ССМ, да им покажеме како ние ја пресметуваме, иако нѐ обвинуваа дека сме земале цени од елитни супермаркети. Секогаш се земаат најниските цени на производите чисто да видиме дали некој маркет вештачки ги зголемил цените, дали имало картелско здружување и слично. Во Македонија, повеќе од 460.000 граѓани живеат во четиричлено семејство, далеку помалку 340.000 граѓани живеат во тричлено семејство. Имаме и петчлено, шестчлено и седумчлено семејство, меѓутоа статистичката операција е земена на највисокиот број членови на едно домаќинство.
ФОКУС: Можеби вие во минималната кошничка имате грешка, па пресметувате домашно овошје?
ТРЕНДАФИЛОВ: Да ви кажам, бевме фрапирани кога во перидот кога ги имавме најголемите напади кон нашата синдикална кошничка, добивме информација дека во Владата се набавени на тони егзотични овошја, кои се набавувани и претходно, но ако сакаме да се промени системот, кога ги осудуваме работниците дека не можат да си го дозволат тоа, би требало и функционерите во владата, исто така, да не можат да си го дозволат тоа. Добро би било бифето на Владата или во Собранието да се отворени за целокупната популација во Македонија за сите да може да си го дозволиме истото. Дури и со ваквите мизерни плати би можеле да си дозволиме оброк во тие ресторани. Не би имало потреба да готвиме дома дури и со сегашните плати.
ФОКУС: Кошничката е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите, но за да биде верификувана, ќе мора да биде помината и гласана во Економско-социјалниот совет (ЕСС), кој ќе биде одржан наскоро. Кога ќе се одржи седницата на овој совет и каков ќе биде вашиот одговор на неа?
ТРЕНДАФИЛОВ: Ние веќе ја доставивме методологијата на пресметка на синдикалната минимална кошница, се разбира доколку се стекнеме со можноста да седиме како рамноправни партнери на тој совет, ќе се закаже седницата. Се надевам дека ќе имаат добро образложение за граѓаните и работниците дека тоа што го велиме ние, дека со 62.000 денари трошоци, од кои 22.000 денари за храна и пијалаци колку што е вредноста на нашата кошничка, не се живее и дека е потребен раст на платите, ќе нѐ убедат дека може да се живее со толку. Ќе ве потсетам дека и еден претходен премиер на една влада ја критикуваше синдикалната кошничка од тогаш која изнесуваше некаде околу 50.000 денари и рече дека во Македонија се живее добро со 35.000 денари и дека синдикатот манипулира и лаже. Знаеме каде завршија тие сега. Тие предизвикаа да изготвиме нова методологија во која вклучивме годишен одмор, образование, користење електронски уреди, курсеви… Вредноста се зголеми и се надевам дека во следниот период нема да нѐ предизвикаат да пресметаме реална просечна потрошувачка кошничка што ќе ги одрази реалните потреби и на таков начин таквата пресметка нема да им се допадне. Според првичните пресметки, таа би била двојно повеќе од оваа што ја пресметуваме како минимална.
БЕЗ 100.000 ДЕНАРИ ТЕШКО Е ДА СЕ ЖИВЕЕ НОРМАЛНО
ФОКУС: На крајот на краиштата, зар самите граѓани не се свесни колку пари им требаат за да го истуркаат месецот?
ТРЕНДАФИЛОВ: Самите граѓани велат дека без 100.000 денари тешко е да се живее нормално, со 60.000 може само да преживеете. Дури да можете да си дозволите цреши во зимскиот период. Не знам зошто велат дека ќе немало акцизни стоки или луксузен одмор во Италија. Зошто да не може македонскиот работник да замине на одмор во странство или да го изнесе семејството на ручек двапати во месецот или да купува квалитетна храна, а не храна на која ѝ поминува рокот. Мислам дека заложбата на ССМ, а верувам дека е иста и на владата и на работодавачите, да се подобри животниот стандард и да не се чувствуваме како граѓани од втор ред. Никому стратегијата не треба да му биде Елдорадо на евтина работна сила и на таков начин да привлекуваме странски инвеститори.
ФОКУС: Дали владата сака да ги изигра синдикатите и работниците и со оваа просечна кошничка да ја промени перцепцијата на граѓаните дека две минимални плати од 24.000 денари се доволни да се помине месецот, а во меѓувреме додека ја спрема кошничката, си нарачува авокадо и папаја?
ТРЕНДАФИЛОВ: Одамна е поминато времето кога можевте да ги убедувате граѓаните дека може добро да се живее. Тие времиња се минато, неславно време. Мислам дека денеска се едуцирани и освестени граѓаните и работниците. Тие знаат како да го побараат тоа што сметаат дека им е потребно нив и на нивните семејства. Верувам дека никој не треба да им кажува што треба да јадат и да пијат и како треба да живеат, но некој треба да им ги зголеми платите за да можат тие самите да го направат тоа по сопствен избор. Времето кога некој друг избираше за вас мислам дека заврши некаде во 1990-тите години.
ФОКУС: Дали вработените во Министерството за култура, некои институции и инспекторати, кои ги објавивте на последната конференција, добија плата или ќе ги гледаме на 1 Мај на протестот во Скопје?
ТРЕНДАФИЛОВ: Јас ги повикувам сите работници на 1 Мај, бидејќи сите се соочиле со предизвикот на неисплатена плата, на непокачена плата. Додека го правиме ова интервју, добив информации дека некаде е почната исплатата, но во најголем дел од институциите сѐ уште не добиле плата за март. Тоа што нас како ССМ нѐ загрижува е дека се прави некоја весела математика за зголемувањето на платите во културата, наместо 12,6 отсто согласно порастот на просечната плата. Министерот за култура најави дека направиле добра формула и која во просек ќе им ги зголеми платите за некаде 6 проценти во просек. Кога ќе добиете 78 отсто зголемена плата, полесно е да калкулирате на грбот на работниците. Некои синдикати прифатија зголемување од седум проценти, а владата нѐ убедува дека зголемување по 2.500 денари во просек е добро. Тоа треба да биде главен мотив да ни се придружат работниците на 1 Мај.
ФОКУС: Дали можеби со нив ќе дојде и министерот Љутков, на кој нема да му биде првпат да застане со вас, нели бевте на истата линија на фронтот кога баравте повисоки плати во културата?
ТРЕНДАФИЛОВ: Министерот сам кажа дека дал поддршка на претходните протести организирани од СКРМ, но, за жал, не го видовме рамо до рамо со работниците. Многу бргу забораваат дека и други луѓе биле министри, сега се работници. Штета е што не го почитуваат Општиот колективен договор и да ги зголемат платите за 12,6 отсто во јавниот сектор. Ние, како ССМ, веќе ги зголемуваме платите на вработените во приватниот сектор. Повеќе од 70 отсто од нашето членство има добиено зголемување помеѓу 10 и 15 отсто на платите. Сега се измислуваат некои нови методологии, кои значат нешто на 4 години, но да не заборавиме дека со растот на просечната плата за четири години, платите треба да им пораснат за 48 отсто на овие работници во културата. Во вкупната маса на буџетот има предвидено зголемување од 13,8 проценти. Ние сме загрижени дека оваа маса на пари, наместо за зголемување плати во јавниот сектор за 12,6 отсто, ќе се искористи за партиски вработувања пред локалните избори, што ќе биде на штета и на тие што ќе се вработат. Во декември 2023 година беа вработени околу 1.000 луѓе во државните институции, најголем дел во „Национални шуми“, кои три месеци потоа не добија денар плата, па мораше да штрајкуваат. Можеби ќе бидат доведени и некои други институции во иста состојба доколку и вака, како што велат гломазната администрација, биде зголемувана вештачки пред избори.
ФОКУС: Дали ССМ и работодавачите може во следниот период да договорат повисока минимална плата?
ТРЕНДАФИЛОВ: Ќе бидам искрен, бевме многу блиску да си подадеме рака со работодавачите, но почнаа нападите кон ССМ. Зборувам да обезбедиме раст на платите на сите работници, околу 530.000 до 550.000 работници што примаат плата преку УЈП. За делот од јавниот сектор и сега се зголемуваат платите, но не со доволно темпо. Во приватниот сектор, каде што сме синдикално организирани, се зголемија платите и затоа е добро работниците да сфатат дека синдикатите се организации, кои се нивни заштитници. Седумдесет илјади работници имаа бенефит од членувањето во синдикатот и затоа ги повикувам сите работници што не се синдикално организирани, да ни се придружат на следниот протест на 1 Мај.
ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ СИ ГИ НАМАЛИЈА ПЛАТИТЕ
ФОКУС: Дадовте идеја, на вас, но и на сите избрани и именувани функционери платата да им биде 500 евра, но да биде донесен закон за минимална плата од 500 евра. Се одважи некој од функционерите на власта и на опозицијата?
ТРЕНДАФИЛОВ: За жал, до денеска не, иако лично сум подготвен во следниот период тоа да го направиме заеднички. Предлогот беше даден за тие да дојдат на нивото на работниците и на макар една година да почувствуваат со што се соочуваат работниците со минималната плата. Платата од 24.400 е недоволна, дури и 30.000 денари за некое време ќе биде малку и затоа предлогот беше даден од неколку причини. Главната причина беше да ја сфатат работничката потреба од зголемување на платите. Друго беше што упатуваа критики кон мене, кон раководството на ССМ дека 50 или 60 илјади денари е многу голема плата и дека не требало да бараме зголемување на минималната плата. Затоа кога од 150 или 120.000 денари ќе дојдете на 30.000 денари, веројатно ќе размислувате исто како нас.
ФУНКЦИОНЕРИТЕ МИЛУВААТ ДА ГО НАПАЃААТ СИНДИКАТОТ
ФОКУС: Наместо покачување за работниците, синдикатите за возврат добија засилени напади од владејачката политичка партија ДПМНЕ. Дали вие или кој било од раководството на ССМ добива закани од власта пред големиот протест?
ТРЕНДАФИЛОВ: Ние токму затоа сме избрани од работниците, да бидеме први меѓу еднаквите, но да ги трпиме сите удари, кои во спротивно би ги трпеле работниците. Затоа сме тука, навикнати сме и во минатото и денеска дека не се менуваат ставовите на владините функционери без разлика од која опција доаѓаат, секогаш сакаат да го напаѓаат синдикатот, а преку него и работниците, за да не се добијат зголемувањата на платите кои сите ги очекуваат. Нѐ напаѓаат и денес, но тоа што го покажавме е дека ние не се откажуваме. Затоа ги охрабрувам работниците да ни се придружат на 1 Мај во 11 часот пред Работничкиот дом за сите заедно да покажеме дека платите во Македонија се ниски, односно мизерни и дека е потребен раст на платите со минималната плата или 500 евра минимална плата и зголемување на сите останати плати за 100 евра.
СО 60.000 ДЕНАРИ НЕ СЕ ЖИВЕЕ РАСКОШНО
ФОКУС: Тематските прес-конференции на Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека владејачката партија е против покачувањето на минималната плата. Како одговоривте на обвинувањата од пратеник што зема 118.000 плата, дека вие живеете „раскошно“ со 60.000 денари плата на грбот на работниците. Се живее ли раскошно?
ТРЕНДАФИЛОВ: Не, за жал, граѓаните во анкетите кажуваат дека 60.000 денари им се потребни за обезбедување скромен живот, но дека од 100 до 120 илјади денари плата е веќе нешто што овозможува пристоен и достоен живот. За жал, пратениците имаат пристоен и достоинствен живот, а работниците имаат недостоинствен живот, непристојни услови за работа и непристојни плати. Тоа треба да ги загрижува оние кои работниците ги бираат на избори и им даваат можност да извршуваат јавни функции. Граѓаните сметаат дека е лошо кога функционерите ги критикуваат работниците и нивните претставници. Во демократските држави е обратно. Синдикатите, работниците и граѓаните ги критикуваат избраните и именуваните лица поради нивниот недостаток од желба да помогнат на работниците. Не ги избираа работниците, не ги биравме сите ние да се борат против нас, ги биравме да ги подобрат условите за живот, да ги зголемуваат платите и да водат грижа за сите останатите. Тоа што е срамно е што водат грижа да имаат патни трошоци, евтино бифе, да имаат храна и превоз, нешто што работниците го немаат, водат грижа нивните плати кои биле согласно одлука на Уставниот суд биле зголемени, да останат така зголемени и не водат грижа да ги зголемат работничките плати, да им овозможат на работниците храна и превоз. Текстот е објавен на 30 април 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.543.