И покрај разбирливите повикувања на меритократските оценки и исполнувањето на копенхагенските критериуми во меѓународните односи, претседателката Сиљановска-Давкова ја извртува вистината со моменталната состојба на преговарачкиот процес на С. Македонија за членство во ЕУ. Преговарачката рамка за членство на С. Македонија во ЕУ приоритетно подразбира уставни измени, па потоа започнување на процесот со отворањето на поглавјата од преговорите, а не креативно толкување на условите од Преговарачката рамка Пишува: Стојан Синадинов Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 14.05.2025 ја прими Карен Пирс, специјална пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Сиљановска-Давкова ја оцени посетата на Пирс како јасна заинтересираност и посветеност на Западен Балкан на Обединетото Кралство, и во оваа прилика посочи дека оценувањето на напредокот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ „треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на копенхагенските критериуми“, укажувајќи на „деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето“.
Како што наведува кабинетот на Претседателката во соопштението од средбата, таа „ја информираше специјалната пратеничка Пирс за заситеноста и заморот на македонските граѓани од бројните преседани, блокади и двојни стандарди. За неа, спротивно на европските темелни вредности и принципи е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани“. На средбата со специјалната пратеничка Пирс, претседателката Сиљановска-Давкова изрече спин во врска со можностите околу надминување на блокадата на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, кој е истакнат и во насловот од соопштението на нејзиниот кабинет: Спин: Можно надминување на блокадата, претседателката гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. [Извор: Кабинет на претседателка на РСМ Сиљановска-Давкова на средбата со Карен Пирс: Потребни се креативни решенија и гаранции за македонската евроинтеграција – Датум: 14.05.2025]
Контраспин: И покрај разбирливите повикувања на меритократските оценки и исполнувањето на копенхагенските критериуми во меѓународните односи, претседателката Сиљановска-Давкова ја извртува вистината со моменталната состојба на преговарачкиот процес на С. Македонија за членство во ЕУ. Преговарачката рамка за членство на С. Македонија во ЕУ приоритетно подразбира уставни измени, па потоа започнување на процесот со отворањето на поглавјата од преговорите, а не креативно толкување на условите од Преговарачката рамка. Во разговорите со искусната дипломатка Пирс, која извршувала низа значајни функции во британската дипломатија, Сиљановска-Давкова сосем во склад и со нејзината предизборна програма делува како „активен лобист, пред сè, во земјите членки на Европската Унија за отворање на патот за Македонија кон ЕУ“ (стр. 15 од Платформата „Македонија повторно горда“), иако Обединетото Кралство веќе шест години не е членка на ЕУ.
Откако на македонските власти им стана јасно дека не може да се менува Преговарачката рамка, дека не може да има уставни измени со одложено дејство, дека Македонија преговара со ЕУ а не со Бугарија сега претседателката Гордана Сиљановска-Давкова мисли дека со креативно толкување на рамката може да се најде излез од ќор-сокакот, порталот „Независен“ направи прецизен кроки-портрет на досегашните неуспешни обиди на претседателката и актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги „протнат“ нереалните предизборни ставови во сложен меѓународен процес каков што е преговарачкиот за членство во ЕУ. Тоа беше потврдено веќе следниот ден (15.05.2025) по изјавата на Сиљановска-Давкова со посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Тој во Скопје по којзнае кој пат ги потенцира задачите што С. Македонија мора да ги заврши пред да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Јасно е, тоа што е договорено е договорено, ние немаме што повеќе да се договараме. Сега треба да го испорачаме тоа што се договоривме. Нема повеќе простор да се бара нешто друго за договарање, изјави Кошта за тоа дали може Македонија да добие гаранции за да ги спроведе уставните измени.
Кошта го повтори ставот дека сега е време за следниот чекор – спроведувањето на уставните измени, а притоа Македонија може да смета на него и на Европската Унија за да се продолжи напред во процесот. Претседателката Сиљановска-Давкова уште минатата година, како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на изборите за оваа функција, самата ги демантираше нејзините и ставовите на партијата за наводна „бугаризација“, кои ги пласираа претходните две години. Во интервју за ТВ 24 Сиљановска-Давкова е децидна дека историските прашања не се споменуваат во ниту еден европски документ, особено како услов за натамошниот прогрес на земјава во преговарачкиот процес за приклучување кон ЕУ. Драган Тилев, доскорешен државен советник за европски политики кој работниот век го посветил на македонските евроинтеграции, во интервју за „Дојче веле“ од 01.03.2025, вели дека „мора да разбереме дека за ЕУ, каква што е денес и последниве децении, процесот на проширување е прифатлив само доколку цената која треба да се плати е соодветна на мирот и безбедноста кој со проширувањето би се постигнал. Така беше во 1989, така беше во 2004-2007 и 2013, таква е логиката и денес“. Тилев во интервјуто потенцира дека Преговарачката рамка е усвоена од сите 27 земји членки на ЕУ, и може да се менува само по истиот пат по кој е и донесена, со согласност на сите 27 земји членки, вклучително и Бугарија.
Мојот совет до моите претпоставени до последниот ден од мојата професионална кариера беше едноставен: да се фокусираме на содржината на Патоказот за владеење на правото и Акцискиот план за заштита на правата на поединци, припадници на малцинствата или заедниците, преку кои може да се обидеме да ги обезбедиме гаранциите кои ги очекуваме поврзани со нашите идентитетски корени. Гаранции во однос на сите други елементи од преговорите поврзани со европското право и европските стандарди се нереални и верувам, невозможни, вели Тилев. Ескпертот Тилев и во друга прилика посочи дека закочениот евроинтегративен процес може да се придвижи само со тешки одлуки кои мора да се донесат: Некои експерти настојуваат да го наметнат ставот дека е можна промена на содржината или на условите дефинирани во Преговарачката рамка и „подобар или поповолен договор за нас“, но лично сметам дека единствен подобар или поповолен договор за нас е отворање на кластерот Фундаменти или темели најдоцна до декември 2023 година. Одлуките кои треба да нè придвижат нанапред во процесот во тој тесен временски простор мора да се донесат, колку тие и да се тешки. До сега, од искуствата во процесот на проширување, не е забележано дека некоја едногласно одобрена Преговарачка рамка е променета, пишува Тилев пред две години.
Пред три години, со поставување на тн. „француски предлог“ како услов за продолжување на преговорите за членство на С. Македонија во ЕУ, „единствено што доби Бугарија е вклучување на Бугарите во Уставот на земјата пред почетокот на преговорите по кластери, а не како што сакаше Скопје пред завршувањето на преговарачкиот процес за членство“, оцени бугарскиот портал „Факти.бг“ во коментар посветен на стартот на преговорите на земјава со ЕУ, пренесен од МИА. Еврокомесарката за проширување Марта Кос минатиот месец уште еднаш истакна дека Европската комисија (ЕК) работи на тоа да ѝ помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, лично ангажирајќи се околу билатералното прашање со Бугарија и наоѓање решение за деблокада на пристапниот процес. Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер, рече еврокомесарката за проширување. Оттаму, јасно е дека во процесот на започнување преговори за членство во ЕУ нема простор за креативни толкувања на Преговарачката рамка како можност за надминување на блокадата на евроинтегративниот процес на С. Македонија. Односно, таквите креативни толкувања што ги заговара претседателката Сиљановска-Давкова, без да наведе конкретно што би содржеле, можат да се протолкуваат само како спин, т.е. извртување на вистината. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар Извор: Новинска агенција МЕТА