Како историски момент во билатералните односи меѓу Британија и Македонија го оцени стратешкото партнерство меѓу двете земји британискиот амбасадор Метју Лосон. Тој потенцира дека околу половина од британските инвестиции во целиот Западен Балкан се во земјава, а оти договорот Влада со Влада ќе значи продлабочување на веќе воспоставеното економско и трговско партнерство. -Како што слушнавте од премиерите ние објавивме стратешко партнерство во рамки на кое се потпишува и договор Влада со Влада кој ги поставува условите за поголема трговска размена и инвестиции од Велика Британија во земјава, истакна амбасадорот Лосон во гостување во Дневникот на Сител телевизија.
-На најдоброто го оставам за крај, како ваш втор најголем инвеститор, според вашите податоци, околу половина од нашите инвестиции во целиот Западен Балкан се во Северна Македонија и ова е дел од договорот Влада со Влада за забрзан чекор и продлабочување на веќе воспоставеното економско и трговско партнерство. Ние како Велика Британија сме слободна трговска нација и мислиме дека ова ќе даде импулс – работиме многу напорно за формирање на Британска бизнис асоцијација, имаме фантастична листа на бизниси тука кои веќе инвестирале и кои сакаат да ја продлабочат нашата врска, изјави Лосон.