Текстот со наслов „Наместо да го прочисти, Арсовска го затна Скопје, стигна казна од 1,3 милиони евра!“, објавен од неделникот Фокус на 03.04.2025 г. во бр.1539, не отстапува од професионалните и етичките стандарди при известувањето.
ЖАЛБА
Жалителката до СЕММ на 08.04.2025 г., упати жалба за текстот „Наместо да го прочисти, Арсовска го затна Скопје, стигна казна од 1,3 милиони евра!“, објавен од неделникот Фокус на 03.04.2025 г. во бр.1539, при што се жали на „пристрасно и необјективно, неточно и нефер изветување“ во кое нема застапено втора страна. Во жалбата се наведува дека „во текстот се изнесени груби невистини, ноторни лаги и неосновани обвинувања, дека наводно ‘турска компанија за да го земе тендерот за пречистителна станица за отпадни води доставила непристојна понуда, но била одбиена“,
што имплицитно наведува на постоење кривично дело за давање поткуп, а никој не пријавил, ниту постојат такви докази“. До медиумот бил испратен и демант со барање за извинување, при што се наведува дека иако текстот е објавен во печатениот медиум, тоа не е сторено на веб страната на медиумот. Во жалбата на СЕММ не му е доставена целата содржина во пдф формат (компјутерски скриншот од текстот и линкот од објавата), а доставени се содржината на демантот, како и пошироко образложение на жалителот.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со востановената процедура (член 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби), по приемот стапи во контакт со медиумот и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Притоа, го потсети медиумот и наможноста случајот да се реши по пат на медијација, пред да биде разгледуван од членовите на Комисијата за жалби. На медиумот детално му беа појаснети наводите на жалителот основите по кои смета дека е постапено непрофесионално при известувањето. До СЕММ во предвидениот рок беше доставен одговор од медиумот. Во одговорот се отфрлаат обвинувањата и се наведува дека се објавени информации кои се точни, вистинити, поткрепени со документи и со изјави од надлежните институции. Се наведува и тоа дека од субјектот за кој се пишува – ЈП Водовод, навремено биле испратени прашања за одговор, а прашања биле испратени и до Град Скопје, но до затворањето на неделникот не биле доставени, а по објавувањето веднаш стигнале реакции и деманти, при што во првиот нареден број демантот бил објавен.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека текстот со наслов „Наместо да го прочисти, Арсовска го затна Скопје, стигна казна од 1,3 милиони евра!“, објавен од неделникот Фокус на 03.04.2025 г. во бр.1539, не отстапува од професионалните и етичките стандарди при известувањето, односно не е прекршен ниту еден член од Кодексот на новинари на Македонија.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
Комисијата ги разгледа фактите поврзани со случајот и утврди дека станува збор за текст кој третира прашање што е од јавен интерес, односно прашање поврзано со изградба на пречистителна станица во Скопје за отпадни води што се влеваат во река Вардар. Комисијата констатираше дека станува збор за објавени информации кои претходно неделникот ги проверил од надлежни институции.За Комисијата, гледано од етички и професионален аспект, најважни беа три критериуми. Првиот е дека медиумите во својата истражувачка работа околу некоја тема од јавен интерес ги проверуваат податоците од што повеќе извори или колку што е тоа можно, како што впрочем налага и членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија. Вториот критериум е проверка на податоците што се објавуваат со втората страна, односно со субјектот на чие работење се однесува текстот. Во овој случај медиумот тоа го сторил навремено, а жалителот можел во одговорот да ги појасни сите детали за кои смета дека медиумот немал право. Бидејќи ниту јавното претпријатие во овој случај тоа не го сторило, ниту Град Скопје вината дури и за евентуално погрешно тврдење на медиумот не е на страната на медиумот. Трето, не помалку важно, медиумот уредно го објавил демантот од жалителот, со што повторно на директен начин е застапена втората страна.
Воедно, Комисијата го отфрла тврдењето за тоа дека Градот Скопје е ненадлежен во однос на проблемот, поради фактот што Градот заедно со ЈП Водовод се имплементатори на проектот. Во таа смисла, посочувањето на одговорноста на Градот и напорот на медиумот да обезбеди одговор од надлежните во Град Скопје се логични и професионални постапки. Поради сето наведено, Комисијата заклучи дека не е прекршен Кодексот на новинари на Македонија. Комисијата сака да напомене дека жалителот во овој случај до СЕММ не достави и принтскрин од објавениот текст, што е спротивно на процедурите за испраќање жалба, па иако Комисијата направи дополнителне напор да дојде до текстот, во иднина нема да прави такви исклучоци и ваквите жалби ќе бидат отфрлени од процедурални причини. Во согласност со наведеното, Комисијата со мнозинство гласови одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите: Снежана Трпевска, Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Тамара Чаусидис, Димитар Мицев, Зериета Јајага и Жана Божиновска.