Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, остро реагираше на вчерашната изјава на Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека предлог-законот за поддршка на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, кој во Собранието го поднесе СДСМ, а власта го одби, бил „спротивен на правниот поредок“. Тренчевска во реакцијата тврди дека Лефков рекол оти со законот се „рушел правниот поредок“. „Преслушај се уште еднаш, Лефков, верувам ќе се засрамиш од вакви изјави“, вели пратеничката Тренчевска.
„Закони за интервенција во случаи на вакви трагедии постојат насекаде во светот. Тоа е суштината на законодавството – да се создадат механизми за брза реакција и институционална поддршка за семејствата кои се соочуваат со ваква голгота. Да потсетиме, постои и Закон за бранителите кој предвидува конкретни поволности за одредена категорија граѓани – и никој тогаш не зборуваше за „рушење на правниот поредок“, вели Тренчевска во објавата. Таа додаве дека е „очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ нема ниту чувство за срам, ниту одговорност. Лефков ја отвори вратата, а сега сите по ред од ДПМНЕ ќе ја повторуваат истата мантра“.
„Ништо не научивте од трагедијата во Кочани. Не само што не понудивте решение, туку не успеавте ниту да се соочите со болката на семејствата, ниту да му помогнете на градот. Наместо поддршка – навреди. Наместо одговорност – политички игри. Дното одамна е пробиено“, рече Тренчевска.