На пригоден начин, дечињата и воспитниот кадар го одбележаа осум деценискиот јубилеј од основање на предучилишната установа „Орце Николов“ која се наоѓа во населбата Карпош 3. По тој повод вечерва во средното училиште „Никола Карев“ се одржа свечена манифестација, на која дечињата од градинката им приредија на гостите незаборавна приредба исполнета со многу љубов, топлина и емоции. На самиот почеток пред присутните се обрати директорката Надица Гировска која говореше за историската трансформација на една од најстарите детски градинки во Македонија, при што се фокусираше на актуелните воспитно – образовни програми и современите стандарди кои се применуваат во оваа детска установа.
Во оваа пригода директорката Гировска му врачи на градоначалникот Стевчо Јакимовски, Плакета за поддршка, соработка и грижа за најмладите, при што првиот човек на Општината искрено се заблагодари и им посака топло добредојде на сите присутни гости.
- Благодарение на заложбите на нашите предци за време на социјалистичкото уредување, Македонија имаше највисок стандард на детска заштита во цела поранешна Југославија. За жал во последниве години го загубивме тој чекор, но сепак морам да ги пофалам и да ви кажам дека сите ние мораме да искажеме голема благодарност до нашите негувателки и воспитувачки коишто прават надчовечки напори, да ги згрижат вашите деца а во исто време да им пренесат соодветно образование и воспитание. На крајот сакам само да кажам, дека од сé она што сме го организирале на територија на Карпош, ова вечерва е најубавиот настан што за мое време јас сум го видел. Да сме живи и здрави и да прославуваме заедно уште многу вакви убави јубилеи – посочи Јакимовски.
Во рамки на свеченоста, срцата на присутните гости ги стоплија дечињата од градинката „Орце Николов“, кои со својот креативен импулс ја поведоа публиката на едно волшебно патување исполнето со песни игри и детски соништа. Под мотото „Патуваме, сонуваме“ младите карпошани изведоа танцов перформанс со традиционална музика, автентична кореографија и костимографија од земјата која што ја претставуваат. Имено, седум групи дечиња кои во текот на годината учеа за општите карактеристики на Египет, Турција, Кина, Шпанија, Италија, Русија и Македонија, денеска низ уметнички перформанс го артикулираа своето знаење.
Инаку, градинката „Орце Николов“е една од најстарите и најпрепознатливите јавни детски установи во Скопје. Основана е на 6. февруари во 1945 година, во периодот кога воениот опустошен град започнуваше со обновата. Во тие услови, потребата за згрижување на најмладите станала приоритет и така започнала приказната на оваа институција под името „Први стапки“, која денес опстојува веќе осум децении. Во текот на овие 80 години, низ просториите на „Орце Николов“ поминале илјадници деца – секое од нив со своја приказна, секое со своите први зборови, пријателства и соништа. Оваа установа не е само место за згрижување – таа е втор дом, каде децата ја учат важноста на другарството, заедништвото и љубопитноста.